Палмер: Македонија ќе добие Датум за преговори
Метју Палмер, добропознатиот за македонската јавност заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, во интервју за Гласот на Америка вели дека доколку Европската Унија не испорача датум за пристапни преговори за Македонија во јуни, тоа ќе се случи во јули или октомври.
„Знам дека има одредени проблеми поврзани со времето на носење одлука во Бундестагот. Не знам дали фокусот ќе биде да се донесе одлука во јуни или потенцијално во јули, зависно од внатрешните процедури на Бундестагот. Сепак, САД се надеваат и го поддржуваат Европскиот совет да ги отвори пристапните преговори“, рече Палмер..
Според дипломатот, самиот пристапен процес ќе обезбеди додатна вредност во понатамошните реформи, бидејќи тука, како што смета тој, има уште многу работа во спроведување на реформите.
„Главен предизвик не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион е владеење на правото. Владеење на правото е мајка на сите реформи, во контекст на европска интеграција и создавање клима за мир, просперитет и стабилност“, рече Палмер.
