Според Палмер, тоа влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион.
„Нашите геополитички конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба“, истакна Палмер.
Палмер ја нагласи важноста на историскиот Договор од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, за коишто рече дека се примери за поголем регионален ангажман на Македонија во корист на нејзините граѓаните.
„Владата на Северна Македонија е фокусирана на спроведување на потребните политички и економски реформи дома, за привлекување квалитетни инвестиции и за активна и продуктивна улога на регионалните и економски иницијативи. Владата го искористи своето силно партнерство со Грција за да обезбеди сопствена енергетска безбедност и сега сме на прагот да направиме многу повеќе отколку досега“, рече Палмер.
Тој се осврна и на улогата на САД во регионот, истакнувајќи дека долгогодишната визија на САД во регионот била и ќе остане фокусирана на регион во мир со себе и со соседите, регион којшто е стабилен, проспетитетен и интегриран во евроатлатнската рамка.
„Она што ми дава надеж е дека ова не е само визијата на САД за Западен Балкан, туку и речиси да не се разликува со она што го сакаат и нашите европски сојузници и партнери. Сепак, уште поважно е што ова е исто така визија што е силно изразена и од самите земји на Западен Балкан. Оваа заедничка визија е наша колективна сила и треба да послужи како наш водич додека ги удвојуваме напорите за приближување на Западен Балкан кон ЕУ“, рече Палмер.
Тој додаде дека не смее да се заборави или да се ризикува оваа цел и да не се успее во заедничкиот напор да се комплетира цела Европа, како дел од силното трансатлантско семејство.
