ПАЛЕВСКИ ВО ТУРЦИЈА ИЗНАЈМИЛ КУЌА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ: За исчезнатото девојче тврдел дека го местат
Стефан Димковски, човекот што го возеше Љупчо Палевски од Белград до Турција сведочеше дека Палчо го викнал за да го врати во Македонија, но дека кога дошле во Ниш, Палевски го замолил да го однесе во Турција.
Димковски се познавал со Палевски од 2017 или 2018 година, а се запознале поради политички активности. Тој живее во Струмица. За Боре првпат слушнал кога отишол во притвор, а Велибор Манев го знае од 2020 година, но кажа дека не се во добри односи, поради лични причини.
Димковски вели дека Палевски му се јавил преку Телеграм на 1 декември 2023 година и го прашал дали може да дојде во Белград да го земе и да го врати во земјава.
„За престојот во Белград ми кажа дека договарал гостувања со некој аналитичар, политиколог и некој професор за рудни богатства. Ми спомна дека има проблеми со кичмата“, рече Димковски.
Вели дека поради здравствени проблеми, Палевски отишол во Турција. На граница немале проблеми.„Од Србија излеговме нормално. Само во Бугарија мене ми правеа проблем со колата. За Палевски на бугарската граница бараа да каже каде ќе престојува. Се сместивме во една куќа кај еден Турчин, мислам дека се викаше Усеин“, кажа Димковски.
Тврди дека Палевски изнајмил куќа за три месеци во Турција. Палевски не му кажал во која болница имал закажано операција, но како што наведе операцијата била закажана за 3 или за 4 декември 2023 година и ќе чинела 5.000 евра. Димковски бил со Палевски до 3 декември 2023 година попладнето. Палевски му рекол дека го местат за исчезнатото девојче. Тој се товари за двојното убиство на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес. Следното рочиште е закажано за 25 ноември, понеделник.
