Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПАЛЧО ТВРДИ ДЕКА Е ПРЕДВРЕМЕ ОСУДЕН ОД БУБЕВСКИ И СПАСОВСКИ: Не ми се дозволува да ги изведам доказите кои се во моја корист

ПАЛЧО ТВРДИ ДЕКА Е ПРЕДВРЕМЕ ОСУДЕН ОД БУБЕВСКИ И СПАСОВСКИ: Не ми се дозволува да ги изведам доказите кои се во моја корист

На денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, судот до одбраната на обвинетите ги достави снимките од камерите од системот „Сејф сити“ во периодот за кој обвинителството тврди дека е грабнат и убиен 74-годишниот велешанец. Односно, се работи за снимки од 21 и 22 ноември 2023 година од Скопје.

Одбраната на Љупчо Палевски тврдеше дека неговото возило „рено кангу“ ноќта меѓу 21 и 22 ноември во 00 часот и 15 минути е забележано од камерата 67 од мостот кај Нова Железничка. Но, на снимките тоа го нема. Како што тврди одбраната на Палевски тие немаат таков програм со кој можат да ги отворат снимките од „Сејф сити“.

На претходните рочишта беше пуштена снимка од домот на Велибор Манев, на истиот датум, на кои се гледа „кангуто“ на Палевски. Обвинителството тврди дека тој ден се спремало грабнувањето на Жежовски кој живеел во непосредна близина на Манев.

Инаку, Палчо денеска на судењето рече дека пресудата е донесена на прес конференција од Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски, образложувајќи го новото барање за изземање на судијата Ивица Стефановски.

„Судијата крие оружје бидејќи не се вклопува во претходно нарачаната пресуда на прес конференција од Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски. Доживотната робија не ме плаши ниту влијae на мене. Има докази кои судијата не сака да ги види, ниту допушта да ги презентирам. Не знам како судијата ќе ги цени доказите кога не ги прочитал“, вели Палевски.

Претходно Палевски рече дека се бара изземање на судијата поради пристрасност.

„Во однос на листата на докази поднесена од моја страна на 26.09, судот пристрасно констатираше и донесе решение дека доказите кои се во моја корист, не можам да ги изведам затоа што веќе биле изведени. Тоа не е точно затоа што без согласност од обвинетиот Љ.П. судијата дозволи да се читаат наслови и датуми и по една реченица без притоа да се објасни тој доказ каде е пронајден и под која околност е вештачен. Мојот обид да изнесам пред судот докази кои се во моја корист процедурално, вешто и некоректно е одбиено од процедурални причини за тоа ќе побарам и изземање на судијата Ивица Стефановски. Причината е во листата која е пред вас, е доказ број 7 ако може да го прочитам, вештачење од судска медицина од 15.12.2023 година во листата на докази на ОЈО Скопје постојат три писмени извештаи од истата институција. Предложениот доказ на Палчо број 7 не се наоѓа на листата затоа што и по датум е различен и по содржина, но пристрасноста во оваа постпката го отфрли како изведено, а не е изведено. Без моја согласност се прочитаа во сосема погрешен контекст сите 54 вештачењеа и нормално судијата одби да  добијам шанса да ги изведам истите вештачења затоа што се во моја корист. ОЈО не ги изложи тие докази како докази во моја корист туку сосема обратно ги изложи како докази против мене, и тоа е причината за изземање“, рече Палевски.

Поднесеното барање беше отфрлено од судечкиот совет, а против решението не е дозволена жалба. Ова не е прв пат Палевски да бара изземање на судијата од предметот, досега сите барања беа отфрлени од страна на претседателот на судот.

Судењето за денеска заврши, следното продолжува во среда со распит на обвинетиот Велибор Манев.

Слично

Поврзани вести