Пакување и рокади во Владата
Вечерва се состанаа Централното претседателство на Движењето БЕСА и Централното собрание и, согласно статутарните надлежности и обврски, дискутираа и одлучија Движењето БЕСА да стане дел од парламентарното мнозинство и на извршната власт.
„Иако пратениците на Движењето БЕСА и досега го помагаа мнозинството и владата во реформската агенда, ние одговоривме на барањето на премиерот да станеме дел од извршната власт. Притоа сакаме да ги потенцираме неколку важни моменти и причини за ваквата одлука. Реформската агенда, процесот на решавање на спорот со името, отворањето на преговорите за интеграција во ЕУ и, посебно, потребната кохезија за членство во НАТО, што денес се смета највисок и најзначаен чин а земјата, а и за Албанците, се обврски кои не налагаат да бидеме на врвот на задачата на овој момент и да докажуваме на која страна сме ние денес. А ние сме за членство во НАТО и интеграција во ЕУ“, е ставот на претседателот на партијата Африм Гаши.
Тој вели дека неговата партија ќе раководи со ресорот култура каде сега министер е Робер Алаѓозовски.
Според рокадите што ги најавуваат одредени медиуми, ДПА ќе го добие испразнетото место на Рамиз Мерко. Се очекува ДУИ да го добие образование а Рената Десковска да се пресели во Министерството за правда. Се најавува и смена на Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
