Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПАЃААТ КАМАТИТЕ НА КРЕДИТИТЕ, РАСТАТ НА ДЕПОЗИТИТЕ - еве ги најновите движења на каматните стапки за фирмите и граѓаните

ПАЃААТ КАМАТИТЕ НА КРЕДИТИТЕ, РАСТАТ НА ДЕПОЗИТИТЕ - еве ги најновите движења на каматните стапки за фирмите и граѓаните

Продолжува намалување на просечните каматни стапки кај кредитите, додека во исто време се зголемува каматата на депозитите. 

Последните податоци кои ги објави Народната банка на Македонија покажуваат дека во мај годинава, просечната каматна стапка на вкупните кредити имала месечен и годишен пад од 0,05 п.п. и 0,43 п.п. Просечката камата кај кредитите во мај достигнува 5,06 проценти. 

Што се однесува пак до каматна стапка на вкупните депозити, таа во мај достигнала 2,21 проценти, и има забележано месечен и годишен раст од 0,01 п.п. и 0,35 п.п., соодветно.  

Сепак, трендот на намалување на каматите на кредитите и на растот на каматите на депозитите кај новите кредити и депозити се менува.

- Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во мај, е зголемена за 0,85 п.п. при годишен пад од 0,47 п.п. и изнесува 4,72 отсто. 

Кај просечната каматна стапка на новопримените депозити е забележан месечен и годишен пад од 0,02 п.п. и 0,04 п.п., соодветно и изнесува 2,32 проценти - се посочува во објавата на НБРСМ. 

Податоците на НБ покажуваат дека каматни стапки на корпоративниот сектор во мај просечно за кредитите достигнала 4,66 проценти и е намалена за 0,07 п.п. во споредба со претходниот месец. 

- Надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,08 п.п. и 0,07 п.п., соодветно), при забележан пад и на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,01 п.п.). Во споредба со мај минатата година, оваа каматна стапка бележи намалување од 0,65 п.п. - прецизираат од НБ. 

Од дурга страна каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор изнесува 2,30 проценти и забележа месечен раст од 0,07 п.п. Нагорната промена во целост е резултат на зголемувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула. 

Што се однесува пак до граѓаните, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,03 п.п. на месечно ниво и изнесува 5,45 проценти. 

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, во мај, забележа месечен раст од 0,12 п.п. и изнесува 4,79 отсто. 

Што се однесува пак до заштедите на граѓани, во мај, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 2,15 проценти и бележи месечно зголемување од 0,01 п.п. 

Месечната промена произлегува од растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,01 п.п., соодветно), во услови на пад на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). 

Слично

Поврзани вести