Паѓаат цените на Катастарот, ќе има „живот“ и за приватните геодети
Владата направи нов чекор кон намалување на услугите на Катастарот со тоа што на вчерашната владина седница ја усвои информацијата на Агенција за катастар на недвижности за изменување и дополнување на Тарифникот за висина на надоместокот за повеќе услуги на катастарот. Со предложените измени, цените на услугите на Агенција за катастар на недвижности за различни услуги се намалуваат од 28 до 90 отсто. Претходно иницијативата за спуштање на цените ја водеше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој најави до 50% пониски цени за граѓаните.
„Врз основа на претходна анализа, заедно заклучивме дека постојат услови ова ветување да го реализираме без да го нарушиме финансирањето на Агенцијата за Катастар. Дополнително, во функција на децентрализирање на услугите, а со тоа и зголемување на нивната достапност, што несомнено е во интерес на граѓаните и компаниите, денес се согласивме дека е неопходно да вратиме дел од овластувањата на приватните геодетски фирми. Имено, наместо Агенцијата за катастар да има ексклузивно право за вршење на теренски работи за потребите на единиците на локална самоуправа и институциите на централната власт, заради забрзување на услугите праксата покажува дека е потребно таквите права и овластувања да ги имаат и приватните геодетски фирми, кои ќе ги исполнат неопходните услови“ изјави неодамна Сугарески.
Според замислата на министерот за транспорт и врски треба да се врати конкуренцијата меѓу Катастарот и приватните геодетски фирми за да се унапреди квалитетот на понудените услуги. Долната граница на цената на услугите треба да остане регулирана како и досега, додека горната цена на услугите ќе биде регулирана во согласност со пазарните услови.
„Разговаравме и за ублажување на казнената политика и воведување на мерката опомена. Превземавме обврска да направиме одредени анализи и во најкус можен рок да излеземе со конкретен предлог кој повеќе ќе се темели на превентивни мерки и политики отколку казни по секоја цена кои беа форсирани од претходната влада. Наша цел не е да бидеме страховлада туку да останеме сервис на граѓаните и мотор на економскиот развој.Најавувам дека ваквите средби ќе станат редовна пракса бидејќи наша заедничка цел е унапредување на геодетската дејност во Република Македонија и нејзино прилагодување на потребите на граѓаните и институциите“ смета Сугаревски.
На ваквото намалување на цените на услугите на катастарот реагираше ВМРО-ДПМНЕ од каде тврдат дека на овој начин институцијата ќе банкротира.
