Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ПАДОТ НА ОРБАН Е ПОРАЗ НА ЦЕЛ ПРАВЕЦ“: Величковски со остра порака за влијанијата во регионот

„ПАДОТ НА ОРБАН Е ПОРАЗ НА ЦЕЛ ПРАВЕЦ“: Величковски со остра порака за влијанијата во регионот

Политичкиот лидер на Нова Република, Ивон Величковски, преку објава на социјалните мрежи ја коментираше актуелната политичка состојба во Европа по изборниот пораз на Виктор Орбан, оценувајќи дека станува збор за многу поширок пресврт од обичен партиски резултат.

– „Европа се обновува низ силна ЕУ. Поразот на Орбан е повеќе од партиски и личен – тоа е пораз на цел еден правец“ – наведува Величковски.

Според него, политичкиот курс на Орбан во изминатите 16 години минал низ неколку трансформации – од либерална ориентација, преку конзервативна, до, како што вели, „корпоративен авторитаризам и официјална прегратка со Русија“.

Величковски оценува дека обидите за пресликување на таквиот модел во Европа не дале резултат.

– „Не успеа во Полска, а наидува на отпор во Словачка и Чешка“ – посочува тој.

Во својот став, тој се осврнува и на политичките случувања во земјава, критикувајќи го, како што го нарекува, „политичко Скопје“.

– „Дел молчи, дел слави, но никој не сака да признае дека реплицирањето на Орбан е прекинато“ – наведува Величковски.

Тој посочува дека источната линија на Европа – вклучително и Бугарија, Романија, Молдавија, балтичките земји и Украина – покажала политичка и безбедносна доследност.

Во објавата се поставува и прашањето за улогата на Русија и нејзиното влијание во регионот, при што Величковски предупредува на активирање на „политички проксија“.

– „Падот на Орбан не значи дека работата е завршена“ – нагласува тој, додавајќи дека влијанијата, како што вели, се протегаат „од Бања Лука, преку Белград, до Скопје“.

На крајот, Величковски отвора дилема за односот на меѓународната заедница, прашувајќи дали Брисел и Вашингтон ќе продолжат со поддршка и толеранција кон политичките структури во регионот.

– „Останува да видиме. Но не и да толерираме“ – порачува тој.


Слично

Поврзани вести