„ПАДНА“ ОДЛУКА: Одборот за акредитација на високото образование го поништи Факултетот за здравствени науки на Meрко
Одборот за акредитација на високото образование го поништи Факултетот за здравствени науки на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Одборот за акредитација на високото образование на денешната седница донесе Одлука за поништување на акредитацијата на проектот за основање на Факултет за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга.
„Со оваа Одлука на Одборот за акредитација на високото образование се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга“, соопштија од Одборот за акредитација на високото образование.
Пред неколку дена медиумите објавија дека Меѓународниот универзитет во Струга, зад кој стои струшкиот градоначалник Мерко, добива нова образовна гранка, Факултет за здравствени науки. Решение донел министерот за образование и наука во заминување Јетон Шаќири.
Министерството за образование и наука утврдило дека се исполнети условите за почеток со работа на Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот Универзитет во Cтруга. Позитивно мислење дале Агенцијата за квалитет на високо образование и Одборот за акредитација.
Мерко минатата година се најде на црната листа на Стејт департментот поради вмешаност во корупција.
Екс министерот Трајко Славески за факултетот на Мерко кажа дека тоа ќе придонесе за квантитет, но не и за квалитет.