(ВИДЕО) „ПАДНА ФАТМИР ДЕХАРИ“: Мицкоски вели дека имало жилава борба, но однеле голема победа
Голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ако некој се сомневаше, народот покажа дека Македонија е повторно твоја, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски.
„Ова е заедничка победа. Победа на вербата, надежта, копнежот за иднина. Победа на напатениот народ, соништата за кои се бориме и нашата заедничка татковина. Победивме во Скопје, убедлива победа на Орце. Победивме во скопски Карпош. Победа и во Аеродром и Чучер Сандево. Беше жилава борба, тешка борба, со многу предизвици се одлучуваше во 5 до 12, знаете дека не заслужува ни името да му го спомнам тој противкандидат, се обиде да профитира на името на националните, на етничките поделби, Брвеница има градоначалник. Победивме и во Валандово, Дојран и Крушево кои досега имаа градоначалници од СДСМ. Победивме и во Кочани, нашето Кочани, кое мораме да го издигнеме и поткрепиме. Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино. Во неколку други се пребројуваат гласовите, но морам да соопштам посебно силна порака, а таа е од нашето Кичево: Падна Фатмир Дехари“, вели Мицкоски.
Вели дека се докажало дека никој не е посилен од народот и дека се покажало што може кога сите се обединети.
„Ова ја отвара вратата дека можеме да се обединиме сите, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите, околу вредностите и во онаа политика која што им е потребна на граѓаните и на ова треба да работиме. Ова е пример колку можеме да постигнеме кога сме обединети. Победи идејата дека Македонија е дом на сите. Драги кичевчани јас сум со вас и Кичево во периодот кој следи мора да биде и во владиниот фокус. Падна митот дека Кичево е нивно или наше, мала или голема општина. Таа победа не е само локална, таа е симболична, зборува за Македонија што созрева, за народот кој е поголем од политиката и дека верата за подобро утре е посилна од било кој страв. Помина времето на оние кои се шалтаа од еден во друг ќош само за да преживеат политички. Тоа време вечерва завршува и во скопски Карпош“, додаде Мицкоски.
Вели дека резултатот е и порака до СДСМ, за кои не бил среќен дека доживеале дебакл.
„Вечерва не славиме против никого, славиме за Македонија, славиме за новата енергија што ја движи државата напред. Секој глас е доверба, но и обврска и со одговорност пристапувам кон секој глас. Мора да ја оправдаме довербата, да работиме посилно и да не се опуштиме ниту еден ден. Да ја претвориме надежта во резултати. Македонија може да биде пример на соживот, ред и напредок. Време е за работа, време е за Македонија што оди напред“, рече Мицкоски.
За оние кои не излегле на гласање или не гласале за ВМРО-ДПМНЕ, порача дека се луѓе кои чекаат да видат промена.
„Нема да ве убедуваме со зборови, ќе ве убедиме со дела. Ќе докажеме дека политиката може да служи, а не да дели. Следниот пат бидете дел од обновата. Од тука заминувам во Брвеница и Кичево, таму ќе бидам со народот. Утрово рано патуваме за Брисел. Од утре мораме да работиме за подобра Македонија и ви благодарам“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Вели, факт е дека гласачите на Влен не го поддржале Орце Ѓорѓиевски, но тоа нема да се одрази на владината коалиција.
