„ПАДНА“ ДОГОВОР: Заев и Ахмети ќе соработуваат за локалните избори
Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети договорија соработка за локалните избори наесен.
Заев на Фејсбук објави дека на попладневната средба со Ахмети договориле соработка за изборите и меѓусебна поддршка во некои општини уште во првиот, а во други во вториот круг.
„Имав одличен состанок со коалицискиот партнер и претседател на ДУИ, Али Ахмети. Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори“, напиша Заев.
Тој потенцира дека заедничка цел на СДСМ и ДУИ е во предизборната соработка да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција.
„Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати - тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба“, додава Заев.
Заев претходно изјави дека имал средби и со лидерите на ДПА и на Беса, Мендух Тачи и Билал Касами. Тој вели дека е потврдено дека меѓусебно ќе си помагаат на изборите.
Претходно, БЕСА се закани дека нема да биде добро ако не добијат поддршка од СДСМ за Тетово.
