Пад на слободата на медиумите во Македонија, СДСМ и ДУИ со експресни реакции
Македонија бележи пад за шест места на најновиот Индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ во најновото рангирање, а тоа експресно го вклучи алармот кај СДСМ и ДУИ.
- „Репортери без граници“ во најновиот извештај оценува дека независните медиуми се изложени на закани и напади и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.
„Наместо да работат на унапредување на демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ се враќа на старите методи на контрола, притисоци и страв. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора. Оваа тенденција повторно се потврдува. Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и СДСМ ќе продолжи да се бори против оваа регресија што ја спроведува ДПМНЕ“, стои во соопштението кое набрзо го објави СДСМ во јавноста.
За брзо време се огласија и од ДУИ по објавениот извештај во кој пишува дека „широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите“.
- Деталната анализа укажува на сериозни слабости – од политичкиот контекст и правната рамка, до економските притисоци и безбедносната состојба на новинарите.
Загрижувачки е што во извештајот јасно се детектира постоење на одредени паралелни медиумски системи, директно поврзани со политички и економски центри на моќ, кои влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните.
Наместо да гарантира институционална независност, Владата избра да го продлабочи клиентелизмот преку нови механизми за влијание, вклучително и рекламирање на јавните институции во приватни медиуми, што повторно го отвора прашањето за транспарентност и фер третман на медиумската сфера“, гласи реакцијата на ДУИ.
