ПАД НА НАТАЛИТЕТОТ: Што ја доведе Македонија до вакви алармантни бројки?
Битола, Прилеп, Штип, Куманово, Кичево, Ресен, Кавадарци се само дел од општините во Македонија кои во првите три месеци од 2018 година имале повеќе починати лица отколку родени.
Сликата не е ништо подобра и во помалите општини кои имаат помал број на жители. Во споредба со истиот период лани, бројот на родени деца е намален за 1.6 % и изнесува 5 255 живородени деца. Aко се вратиме еден квартал наназад, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2017 година, во споредба со истиот период од претходната година, беше намален за 2.3% и изнесуваше 5 352 живородени деца.
Демографското стареење станува сериозен проблем, и на прсти се бројат општините кои имаат солиден природен прираст.
Во општините со низок наталитет се вбројува и Крива Паланка, каде во последниот квартал се родиле 28 деца, а починале 54 луѓе. Во последниот квартал од 2017 година во истата општина се родило 31 дете, а починале 43 луѓе.
Факторите за ваквата состојба се повеќе, почнувајќи од немање средства за егзистенција, но и иселување на младите надвор од земјата.
„Демографската политика е систем од мерки и активности што ги презема државата за да влијае врз демографските процеси, а со цел да го усогласи бројот, структурата и движењето на населението со постојните економско-политички и други цели. Денешниот концепт на планирање на семејството се базира на слободно, индивидуално одлучување на секој поединец за бројот на децата и времето на нивното раѓање преку користење на знаењата и средствата за заштита од несакана бременост. Во Република Македонија од податоците од Државниот завод за статистика се забележува постојан пад на раѓањата во земјата. Стапката на пораст на населението е најмала во Источниот, Вардарскиот и Југоисточниот регион. Во Североистокот најмала стапка на раѓања има во Крива Паланка. Разликите во интензитетот на пораст на населението во голема мера се условени од различната динамика на компонентите на природното движење на населението и нивно учество во обновување на населението. Република Македонија донесе Резолуција за популациона политика чија цел беше општествената заедница да придонесе за свесно и сакано родителство, за подобрување на животните и работни услови и за усогласување на демографскиот, социјалниот и економски развој на земјата. Лошите економски услови за живот, невработеноста, релативното сиромаштво, се само некои од причините што доведуваат до намалување набројот на склучени бракови, зголемен број на разводи и еднородителски семејства“- вели Татјана Филиповска, професор по социологија во Гимназијата „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка.
Но, и оние семејства кои имаат повеќе деца мака мачат да преживеат.
„Се живее многу тешко, како што знаете, едвај се врзува крај со крај. Се снаоѓаме некако, ама од државата немам никаква помош. Децата никогаш не се многу, имам 8 деца на возраст од 7 до 22 години“- вели Јорданка Арсовска од Куманово.
Претходната власт воведе мерка за трето дете со цел да се стимулираат повеќедетни семејства, но бројките покажуваат дека ефектот не е постигнат.
Сања Атанасовска