Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОВИЕ ПЕТ ЛУЃЕ СЕ ДОБАР ИЗБОР ДА БИДАТ ЧЛЕНОВИ НА НАДЗОРНИОТ ОДБОР - еве какви одлуки ќе носи Собранието на акционери на ТТК банка

ОВИЕ ПЕТ ЛУЃЕ СЕ ДОБАР ИЗБОР ДА БИДАТ ЧЛЕНОВИ НА НАДЗОРНИОТ ОДБОР - еве какви одлуки ќе носи Собранието на акционери на ТТК банка

На средината на следниот месец, односно на 14 јануари идната година ќе се држи акционерско Собрание на ТТК банка.

Неколку точки ќе треба да ги потврдат акционерите на ТТК банка, а меѓу нив и менувањето на Статутот на банката, но и мислењето за тоа колку се соодветни кандидатите за членови на Надзорниот одбор.

Значи, како што известуваат од банката, ќе се разгледува Предлог - одлука за измени и дополнувања на Статутот на ТТК Банка, како и известувањето за резултатите од извршената оцена на соодветноста на кандидати за членови на Надзорниот одбор на оваа банка.

Од банката ги повикуваат сите акционери да учествуваат во работата на Собранието на акционерите. Акционерите, пак, кои поединечно или заедно поседуваат најмалку 5 отсто од вкупниот број акции со право на глас имаат право да достават предлог за дополнување на Дневниот ред и одлуки по точките од него, а можат да достават и предлози за вклучување нови точки, предлози на одлуки и прашања, и тоа најдоцна до 20 овој месец.

Акционерите ќе го „чешлаат“ ставот за соодветноста на кандидатите за членови на Надзорниот одбор, многу битен орган, кој, пак, го контролира работењето на највисокото тело, односно Управниот одбор на банката.

Имено, на почетокот на минатиот месец, Собранието на акционери на банката ги именувало Бобан Гоговски, Драгица Јовановска, Евгенија Трпоска, Михаил Петковски и Албион Риза, за членови на Надзорниот одбор на ТТК банка. А, во согласност со Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, пред секое именување членови на Надзорниот одбор се врши оцена на соодветност на кандидатите за членови на одборот.

И, било констатирано дека сите овие петмина кандидати ги исполнуваат условите за да бидат членови на Надзорниот одбор, а во тоа секако им помогнала анализата на нивното знаење, искуство, репутација, објективност и независност.

„Надзорниот одбор на Банката, на ден 5 ноември 2024 година, по претходно добиени предлог – оцени за предложените кандидати од страна на Одборот за именување, врз основа на обезбедената документација, а во согласност со критериумите наведени во Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, изврши анализа на знаењето и искуството на предложените кандидати, на репутацијата што ја поседуваат, на објективноста и на независноста, како поединечно така и заедно со останатите членови на Надзорниот одбор, при што позитивно оцени дека предложените кандидати ги исполнуваат соодветните критериуми за остварување на функцијата членови на Надзорниот одбор. Имајќи ја предвид точката од Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, со која Надзорниот одбор е должен да го извести Собранието на акционери за резултатите од извршената оцена на соодветноста, ова известување се доставува до Собранието на акционери на Банката“, се вели во лредлог одлуката до Собранието на акционерите.

Исто така, од банката објавија ценовно чувствителна информација на Берзата, а според која ТТК Банка ќе изврши исплата на главницата и тримесечната камата по каматна стапка од 3,5 отсто на годишно ниво на имателите на корпоративната обврзница – прва емисија. Право на исплата на главница и камата имаат лицата кои се регистрирани во книгата на иматели на корпоративна обврзница - прва емисија, заклучно со 17 декември оваа година. Ове обврзници, како што информираат од банката, во количина од 1.500 обврзници, достасуваат на 18 декември 2024 година.

„Воедно, информираме дека Банката до Македонска берза на хартии од ведност достави Известување со барање за прекин на тргувањето со Корпоративните обврзници - прва емисија издадени од ТТК Банка АД Скопје во деновите 16 и 17 декември. Со тоа последен ден за тргување на истите ќе биде 13 декември 2024 година“, известија од банката.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести