Економија, финансии, бизнис

Контакт

Овие европски места буквално ќе ви платат за да се преселите: Нудат стимулации до 70.000 евра

Овие европски места буквално ќе ви платат за да се преселите: Нудат стимулации до 70.000 евра

Во последниве години, низ цела Европа се појавија иницијативи кои нудат финансиски стимулации за преселба. Многу заедници кои се соочуваат со намалување на населението се обидуваат да привлечат нови луѓе со поволни услови за домување и финансиска поддршка.

Еден таков пример доаѓа од Тоскана, каде што малото село Радикондоли, кое се наоѓа западно од Сиена, нуди пакет стимулации за изнајмувачите и купувачите на недвижности за да привлече долгорочни жители.

Градоначалникот Франческо Гваргвалини оваа година обезбеди повеќе од 400.000 евра за привлекување нови жители, пишува „Еуроњуз“.

Меѓу понудените мерки се субвенции за купување куќи, стимулации за користење зелена енергија, додека на новите станари им се плаќа половина од киријата за првите две години. По воведувањето на стимулациите во 2023 година, селото доби околу 60 нови жители, додека претходно бројот на жители се намали од 3.000 на само 966.

Во Шпанија, неколку села нудат и програми за преселба. Холапуебло им помага на претприемачите кои сакаат да започнат бизнис во помали заедници, поврзувајќи ги со општини кои нудат субвенции и институционална поддршка. Друг проект, „Волвер ал Пуебло“, им помага на заинтересираните страни да најдат прифатливи станови и работа во руралните средини.

Ирска ја започна програмата „Нашите живи острови“ во 2023 година, нудејќи до 70.000 евра за реновирање на домови на крајбрежни острови, со цел ревитализација на овие заедници. Програмата е наменета за оние кои купуваат и реновираат напуштени или запуштени домови кои се празни најмалку две години.

Сардинија, исто така, нуди стимулации за купување имот и поддршка за семејствата. Места како Ололаи и Нулви нудат субвенции до 15.000 евра за купување или реновирање на домови, со дополнителни финансиски бенефиции за семејства со деца и за оние кои планираат да започнат сопствен бизнис.

За оние кои не сакаат трајно да се преселат или да купат имот, постои и можност за работа на шкотскиот остров Ханда. Шкотскиот фонд за диви животни бара чувар кој ќе остане на островот шест месеци и ќе управува со природниот резерват, со бесплатно сместување и плата од 5.000 евра месечно.

Б92

Слично

Поврзани вести