Професорката Билјана Ванковска преку објава на социјалните мрежи упати критики до претседателката Гордана Силјановска-Давкова по нејзиното обраќање до јавноста по седницата на Советот за безбедност.
Во статусот, Ванковска оценува дека претседателката се обратила „повеќе како портпарол на државниот врв отколку како државник“, забележувајќи дека во говорот бил нагласен аспектот на стабилност и безбедност на државата.
Таа критикува дека во обраќањето не биле директно споменати актуелните глобални конфликти, како состојбите во Иран и Газа, ниту, како што наведува, бил заземен јасен став за улогата на сојузниците и цивилните жртви во тие конфликти.
Ванковска во објавата изразува незадоволство од, како што пишува, отсуството на појасна позиција за меѓународните случувања и споредувањето на домашниот наратив за стабилност со протестите и реакциите во други земји во однос на војните и кризите.
Претседателката во своето обраќање, пак, потенцираше дека институциите ја следат безбедносната состојба и дека се преземаат мерки за заштита на објекти од стратешко значење.
