Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОВА СЕ РЕКОРДЕРИТЕ НА СЕЈФ СИТИ: Двајца возачи добиле 40 забрани за управување моторно возило

ОВА СЕ РЕКОРДЕРИТЕ НА СЕЈФ СИТИ: Двајца возачи добиле 40 забрани за управување моторно возило

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека бројот на прекршоци регистрирани преку системот „Безбеден град“ во понеделник како работен ден е ист како и во неделата.

Гостувајќи синоќа во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, Тошковски посочи дека до 20:00 часот биле евидентирани вкупно 508 прекршоци на подрачјето на Скопје, Куманово, Тетово и долж коридорите.

– Фактичката состојба е иста. Од вкупно 508 прекршоци, 454 се за пречекорување на брзината, 42 за поминување на црвено светло и 12 за управување нерегистрирани возила – изјави министерот.

Тошковски оцени дека бројките се релативно мали и изрази очекување дека состојбата ќе остане слична и до крајот на 24-часовниот период.

Осврнувајќи се на податоците на МВР за последните четири години, министерот информира дека најголем дел од прекршителите, односно 55.435 граѓани, имаат по една изречена забрана за управување возило. Сепак, како што нагласи, загрижувачки се бројките на повратници во прекршоците.

– Вкупно 7.987 лица имаат добиено втора забрана, додека 1.863 возачи имаат по три правосилни забрани – рече Тошковски.

Тој посочи и на екстремни случаи на повторување на прекршоците, нагласувајќи дека има возачи кои десетици пати го прекршиле законот.

– Имаме 687 лица со четири забрани, 291 со пет забрани, како и двајца возачи кои се апсолутни рекордери со по 40 изречени забрани за управување моторно возило – истакна министерот.


Слично

Поврзани вести