ОВА СЕ ПРАВИЛАТА: До 19 август продолжени истите мерки за влез во Грција
Актуелните мерки за патување во Грција, односно задолжителен документ за ковид-19 и пополнет PLF формулар, продолжени се за уште една седмица, до 19 август, согласно новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на ковид-19″, што утрово стапи во сила, јави дописничката на МИА од Атина.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Алтернативно, како што пишува во официјалната одлука, посетителите на Грција, може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена подоцна.
Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Европскиот дигитален ковид сертификат е уште една алтернативна можност за влез во Грција.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
