„ОВА НЕ СЕ ДРЖАВНИЦИ, ОВА СЕ ОБИЧНИ ПРЕПРОДАВАЧИ“ - професорката Најчевска за последниот предлог од премиерот до лидерот на опозицијата
Професорката Мирјана Најчевска со жестока реакција откако денеска излезе информацијата дека премиерот Димитар Ковачевски му ја нуди на својот ривал Христијан Мицкоски премиерската позиција во замена за гласање за уставните измени.
Според владини извори, премиерот Димитар Ковачевски му нуди на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интерес на спроведување на уставните измени да ја преземе премиерската позиција во преодната Влада, иако, како што претходно е договорено, премиер во следната техничка Влада треба да биде Албанец. Ковачевски смета дека треба да остане на премиерската функција и до крај да го спроведе процесот на уставни измени, но во интерес на евроинтеграциите, освен пет ресори е подготвен на Мицкоски да му ја отстапи и премиерската позиција во преодната Влада, кој потоа би го спровел процесот докрај, велат владините извори.
„Ова со пазарењето со функции, премиерско место, пратеници, директорски места, амбасадори, ... не значи ништо друго освен дека на чело на државата се наоѓаат пазарџии-препродавачи кои не знаат ништо друго освен да купуваат и препродаваат, да подметнат расипано овошје на дното од канчето, да излажат за да ушичарат два грама. Тоа им е нивото. Не се ова државници. Ова се обични препродавачи“, пишува Најчевска на својот фејсбук профил.
