„ОВА НЕ Е ПРВ СКАНДАЛ НА ОСМАНИ, НО СЕГА НАПРАВИ АНТИДРЖАВЕН ЧИН“: Левица со осуда за македонскиот јазик, МНР има свое објаснување
Во период на
агресивно негирање на македонскиот јазик од бугарска страна и особена сензитивност
на јавноста по ова прашање, хирургот од Министерството за надворешни работи
Бујар Османи, одлучи да не ги почитува Уставот и законите и при средбата со
шпанскиот колега го погази македонскиот јазик, регира денеска Левица.
-Имено, иако Уставот предвидува дека единствен службен јазик за меѓународна употреба во Македонија е македонскиот јазик, Османи на официјалната средба користел единствено јазик на странска држава, односно албанскиот јазик. Ова не е прв скандал што го прави Министерот со шпанските колеги. Минатата година при посетата на Шпанија тој лобирал за признавање на Косово од оваа држава, скандал за кој јавно се пофалија од шовинистичката ДУИ! Постапката за исфрлање на македонскиот јазик во меѓународните односи го оценуваме за антидржавен чин од претставата што ја спремаат режисерите на „Софиската платформа“, каде главни интерпретатори се Владата на СДСМ и ДУИ, на чело со Османи. Левица најстрого го осудува ова смислено сценарио за „газење“ на македонскиот јазик, напиша партијата на својата ФБ страница!
Претходно, МНР ја демантираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на ова исто прашање.
-Зачудува однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која иако себе си се декларира како партија заштитник на конзервативните вредности, за време на одбележувањето на Велигденските празници, поточно – Велика Сабота, или Ден на длабоко молчење и покој, преку употреба на груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството Заради почитта кон нашите сограѓани, кои во овие денови очекуваат да добијат мир и спокојство за достоинствено да ги одбележат велигденските празници, Министерството за надворешни работи се воздржа од коментирање на непристојното однесување од страна на ВМРО – ДПМНЕ. Сепак, во интерес на вистината, дозволете во целост ги демантираме информациите за несоодветна примена на Законот за употреба на јазиците за време на средбите и/или прес конференцијата со Министерот за надворешни работи на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено. Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од страна на Министерството за надворешни работи, кои патем се чести, јавни, и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан Министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми.
Напоменуваме дека употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја која е регулирана со закон, каде прецизно е дефинирана употребата на службените јазици на земјава, и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка. Со оглед дека настаните и прес конференциите се јавна работа, ги повикуваме ВМРО – ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа, соопшти МНР.
