Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ова не е детска игра, туку крик дека нешто длабоко сме згрешиле: Психолозите предупредуваат дека врсничкото насилство е аларм за целото општество

Ова не е детска игра, туку крик дека нешто длабоко сме згрешиле: Психолозите предупредуваат дека врсничкото насилство е аларм за целото општество

Последниот случај во Скопје, во кој малолетничка, според информациите што ја вознемирија јавноста, била изложена на сурово понижување и физичко насилство од други девојчиња, повторно го отвори најтешкото прашање: што се случува со децата кога насилството станува „игра“, кога понижувањето се снима, а болката на жртвата не предизвикува сочувство, туку забава?

Ова веќе не е само инцидент меѓу деца. Ова е силен аларм дека семејството, училиштето, околината и институциите мора да погледнат подлабоко во начинот на кој децата растат, учат, се поврзуваат и ги разбираат границите меѓу шега, групен притисок и насилство, пишува Женски магазин.

Психолозите со кои разговаравме предупредуваат дека ваквото однесување не може да се сведе на „детска непромисленост“. Напротив, станува збор за сериозен сигнал дека кај децата кои вршат насилство недостигаат емпатија, чувство на одговорност, контрола на импулсите и јасно поставени морални граници.

Психологот и системски семеен терапевт Деспина Стојанова вели дека ваквата суровост не се појавува одеднаш, туку најчесто е резултат на пропусти што се таложеле низ годините додека детето растело.

  • Случката која предизвика неверување и вознемиреност кај секој од нас, сигурно не се темели врз „детска непромисленост“, туку е сериозно алармирање на пропустите низ годините кога тие деца растеле. Секое грубо однесување не мора да значи длабок проблем, но кога има понижување, снимање и особено отсуство на вина, тогаш веќе зборуваме за сигнал дека детето нема развиено емпатија и контролни механизми кои нè одржуваат во социјално посакувано поведение – вели Стојанова за Женски магазин.

Според неа, кога едно дете не само што малтретира друго дете, туку го снима, го понижува и не покажува вина, тогаш не може да се зборува само за поединечна вина на детето. Тоа е резултат на непостапување на целиот систем – семејството, училиштето и средината.

  • Тоа е сплет на непостапување во целиот систем, односно систем кој не поставува граници и не санкционира неприфатливо однесување. Доколку некој од родителите, училиштето или средината укажале на непосакувано однесување претходно, забележале некакви знаци кои сигурно ги имало, доколку се залагале да изградат вистински вредности кај овие деца, немаше да се случи овој суров чин – објаснува Стојанова.
Таа посочува дека во пракса често се повторува исто сценарио: родителите одбиваат да прифатат дека нивното дете може да биде насилник, училиштето смета дека ја исполнило својата улога затоа што формално работи на темата, а средината или ги отфрла децата или дозволува да се формираат групи во кои насилното однесување добива уште поголема моќ.

Особено сериозен проблем, според Стојанова, е тоа што родителите често добиваат сигнали дека нешто не е во ред, но не секогаш се подготвени да се соочат со нив. Таа родителите на деца кои вршат насилство ги дели во три групи.

Првата група се родители кои не прифаќаат дека нивното дете малтретира други деца. Тие влегуваат во конфликт со училиштето и со другите родители, го бранат детето по секоја цена, а на тој начин, како што предупредува психологот, само ја зајакнуваат неговата позиција на моќ.

  • Низ целиот тој процес само ја зајакнуваат моќната позиција на детето под мотото „мене никој ништо не ми може“ – вели Стојанова.

Втората група се родители кои се немоќни пред сопственото дете. Тие „креваат раце“ и очекуваат училиштето или институциите сами да го решат проблемот. Но, според Стојанова, и ова е опасно, затоа што детето гледа дека родителите немаат авторитет и ја презема моќта во свои раце.

Третата група се родителите кои ја преземаат одговорноста. Тие соработуваат со училиштето, бараат помош од стручно лице кога е потребно и работат на промена на однесувањето на детето.

  • Ова се родители кои се залагаат да изградат човек со силен и здрав вредносен систем. Тие знаат дека непосакуваното однесување може да се промени ако се пристапи правилно – нагласува Стојанова.

Но, знаците не треба да се бараат само кај децата кои вршат насилство. Кај жртвите, исто така, често има промени што возрасните не смеат да ги игнорираат: повлекување, анксиозност, намалена самодоверба, страв, промени во однесувањето, но и повреди по телото, се нагласува во текстот на Женски магазин.

Проблемот е што жртвите често молчат. Тие не секогаш кажуваат што им се случува, а понекогаш дури и ги кријат сторителите, од страв дека ако ја кажат вистината ќе бидат изложени на уште поголем ризик.

  • Многу е важно како ќе пристапиме кон детето жртва бидејќи тие најчесто негираат дека се повредени, не признаваат и ги кријат сторителите на насилството. Ова се случува поради огромно чувство на страв дека ќе бидат во поголем ризик доколку ја споделат вистината. Но, без разлика дали детето жртва ќе побара помош, ќе сподели или едноставно ќе негира, возрасните се должни да осигураат безбедност и да спречат повторно виктимизирање на детето – предупредува Стојанова.

Психолозите се категорични дека казната сама по себе не е доволна. Таа е важна, затоа што испраќа порака дека по насилството следи последица, но ако сè заврши само со казна, без стручен третман, без работа со детето и без промена на моделите на однесување, ризикот од повторување останува.

Стојанова објаснува дека и жртвата и сторителите имаат потреба од стручна помош, но со различна цел. Кај жртвата прво мора да се врати чувството на безбедност. Потоа треба да се работи на самодовербата, надминување на трауматското искуство и јасна порака дека тоа што ѝ се случило не е нормално, не е правилно и не е нејзина вина.

Кај децата кои вршеле насилство, пак, мора да се работи на одговорност, развивање емпатија, разбирање на последиците, контрола на импулсите и учење на социјално прифатливи начини за справување со лутина, бес и гнев.

Многу повеќе на темата, но и став од М-р психолог/психотерапевт Розалија Секулоска на Женски Магазин. 


Слично

Поврзани вести