Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОВА ЌЕ ГО ПАМЕТАТ ЦЕЛ ЖИВОТ: Приказната на двајца велешани долга 1.500 километри

ОВА ЌЕ ГО ПАМЕТАТ ЦЕЛ ЖИВОТ: Приказната на двајца велешани долга 1.500 километри

Коста Тахов и Дејан Митров со велосипед патуваа од родниот град Велес до Истанбул и назад, и ова за нив е незаборавно искуство кое уште долго ќе го паметат.

Овие момчиња поминале 1500 км , за две седмици, а попат сретнале интересни луѓе, стекнале пријатели, виделе прекрасни места. Многу луѓе им се воодушевиле за реализирањето на оваа авантура, но имало и такви кои сметале дека ова е луда идеја.

„Стартот беше од дома. Пред врата. Велосипедите ги возевме до крајната дестинација и назад. Без никакви товарања во воз, автобус, автомобил, хеликоптер, подморница и слично. Возевме од 120 до над 200 километри на ден поради тоа што бевме ограничени со време. После поминатите километри следува поставување на шаторите, одмор и следниот ден повторно пакување… И секој ден така. Две недели. Со mountain bike, натоварени како магариња со торби полни облека, вода, храна, шатори и други потребни работи. Прво место за одмор ни е Дојран од каде што треба да излеземе преку граница во Грција. По пат, по градовите и селата сретнавме секакви луѓе. Некои расположени да помогнат со ладна вода, сместување, кафе и друго, а некои расположени да го решиме проблемот со името тука. На лице место. Прашуваа: Where are you from? - Macedonia им одговаравме. Skopia????!!! Им одговаравме: NOOOO!!! Veles. Одговор кој ги остава сите збунети.  Грција ја поминавме со спиење во шатори во Кавала и Александрополис“ - раскажува Тахов.

Поминувале низ длабоки клисури и под стари мостови, а времето не било секогаш поволно, имало и ветер. Попат виделе многу села, се сретнале со својот пријател Волкан Дорткардеш, и го вкусиле вистинското турско кафе.

Тахов вели дека Истанбул ги воодушевил и ги надминал нивните очекувања.

„Прошетавме и во азискиот дел на Истанбул. Истанбул беше многу повеќе од нашите очекувања. Огромен, со должина од 180 км и 22 милиони жители, супер модерен град. Два дена се малку, но времето нѐ гази и мораме да се вратиме. Доколку ни се случи едно невреме во терминот предвиден за патување ќе изгубиме денови“- додава Тахов.

Тие се благодарни на сите оние кои попат им помогнале и ги охрабриле да ја продолжат својата мисија.

Mитров вели дека се презадоволни од патувањето.

„Со оглед на тоа дека авантурата заврши во најдобар ред (вклучувајќи ги и временските услови) ние сме презадоволни од патувањето. Проблемите на кои наидувавме беа минимални и очекувани. Ваквите патувања бараат секогаш добар план скован месеци однапред. Сега e прерано да зборуваме за следно патување но дефинитивно имаме желба да го свртиме Исланд. Кој знае, можеби следната година“ – рече Митров.

Луѓето со авантуристички дух и желба за патување како овие двајца млади секогаш наоѓаат начин за да стигнат до својата цел.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести