ОВА ГИ ЗАСЕГА СИТЕ: УХМР излезе со прогноза какво лето се очекува
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека летово се очекува да биде значително потопло и посушно.
Во Македонија постои многу голема веројатност дека температурите ќе ги надминат многугодишните просечни вредности. Надминувањето може да достигне и до 3 степени Целзиусови речиси на целата територија. Најголемо позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во јули.
„Несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има врнежи под просечните. Во Македонија најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува да биде во јули. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати, поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи“, се вели во соопштението.
Според многугодишниот просек (1991-2020) температурата на воздухот во Скопје за јуни, јули и август изнесува 22,2°, 24,7° и 24,6° Ц. Просечната количина на врнежи во Скопје за јуни изнесува 47,6 милиметри, за јули 34,1 и за август 37,4 милиметри дожд на метар квадратен.