„ОВА Е ПРОТЕСТ НА НАРОДОТ, НА ТАГАТА, РЕВОЛТОТ И ЖЕЛБАТА ДА СЕ ОСТАНЕ ТУКА“: Росица Кулакова пред утрешниот протест
Денес официјално се приклучив кон иницијативата “Кој е следен” како претставник на целото наше семејство и гласноговорник за Фросина. Да нема забуни, манипулации и политизирање! Нешто што ние од првиот ден го бараме!
Ова го објави на својот Фејсбук профил, Росица Кулакова, сестра на трагично загинатата Фросина Кулакова, која го загуби животот шетајќи го своето куче и поминувајќи на пешачки премин на зелено светло за пешаци на булеварот „Партизански одреди“.
- Ова е граѓански протест, протест на народот, протест на тагата, на револтот и на желбата да се остане тука! 16.30ч пред Универзална Сала. Симболично тргнуваме од овде. Местото каде што заврши сонот на Фросина. Местото каде што се прели чашата со крв. Местото каде што оваа иницијатива започна. Да и оддадеме почит на Фросина но и на сите жртви на корумпираниот и трул систем. 17.00ч пред Влада ( извршна власт).
Ние како семејство јавно се заблагодаривме и сме благодарни на досегашната поддршка од Владата. Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да не поддржува и нас како семејство, но исто така бараме да ја поддржи и иницијативата „Кој е следен” и да ги сослуша барањата што ќе произлезат од протестите. Истото го бараме не само од власта туку и од опозицијата! - напиша Росица на Фејсбук.
Потоа посочи дека протестот во 17.45 часот ќе продолжи пред Собрание (законодавна власт). Бараме да се вклучат во промената на законите и Парламентот активно да контролира како тие закони се спроведуваат. Во 18.30ч пред Апелационен Суд (судска власт).
- Бараме да се свестат дека гнојот во општеството доаѓа од овде! Бараме да сфатат дека и тие се дел од народот! Бараме чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив, а веруваме дека не сите судии и обвинители се исти! Ве повикуваме сите да ни се приклучите во оваа борба за подобро утре! Сите сме Фросина!!! Секој еден може да е следен. Се гледаме утре пред Универзална во 16.30! ПРАВДА ЗА ФРОСИНА - напиша Росица на Фејсбук.
Еве ја нејзината објава:
Фото: Вангел Тануровски
