„ОВА Е НЕФЕР ИГРА И МОЕ ИЗЛОЖУВАЊЕ ВО ЈАВНОСТА ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ“ - Јовески ги бара причините поради кои е повлечена неговата кандидатура
По повеќе од една година изложеност и без епилог во Собрание не сум изненаден што вака заврши мојата кандидатура. Изненаден сум од односот на нефер игра и мое непотребно изложување кон јавноста цели две години, рече во изјава за тв 24 поранешниот републички обвинител Љубомир Јовевски.
„Нема да ги коментирам партиските реакции. Не ме заплашуваат најавите дека ќе се бара одговорност од мене, има институции па нека постапат. Мојата кандидатура повеќе од една година е во Собрание па денеска без никакво образложение за една минута беше соопштено дека е повлечена. Треба да се каже поради кои причини“, изјави Јовески.
Уставниот суд кој две ипол години функционира во некомплетен состав, нагласува дека за 60 години постоењето досега не е забележано толку долг период судот да остане некомплетен. Ова, како што нагласуваат, говори каков е односот на државата кон Уставниот суд и како не се почитува Уставот од страна на пратениците.
Последниот избор беше на 12 декември лани кога универзитетската професорка Јадранка Дабовиќ Анастасовска беше избрана за уставен судија.
