Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ова е изгледот на новите планирани барок-фасади во Центар

Ова е изгледот на новите планирани барок-фасади во Центар
Вкупно 15 станбени и деловни објекти во центарот на Скопје ќе добијат нови фасади во неокласицистички стил. Предлог-одлуката за утврдување за изгледот на фасадите на објектите во централното градско јадро на Скопје е поднесена од градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. За ваквиот предлог, следната недела на закажаната седница на градскиот Совет ќе дебатираат и советниците. Според предлогот, барокни фасади ќе добијат деловните и станбени објекти на улиците Никола Вапцаров, Македонија, Димитрие Чуповски, 11 Октомври. Дел од основните проекти се изработени од Проинг ДООЕЛ Битола, дел од компанијата Иком Инженеринг од Скопје, некои од проектите се на фирмата Архитектоника од Скопје, а основниот проект за деловниот објект АД Пелагонија го има изработено Градежниот Институт Македонија.
„Објектите чии фасади се предмет на реконструкција и предмет на оваа Одлука се опфатени и со Програмата за реконструкција и доградба на објекти во Централното градско подрачје на градот Скопје. Сите предложени фасади се избрани по спроведени конкурси за избори на идејни архитетонски решенија. Во конкурсните комисии активно учество земаа станарите – сопственици на станбените/деловните простории, а при изработката на основните проекти беа земени во предвид сите барања и потреби на станарите чии фасади се предмет на реконструкција. Во проектната документација – изработените основни проекти за реконструкција на фасадите се вклучени и согласностите од станарите заврени на нотар со кои даваат согласност за реализација на основите проекти за реконструираните фасади“.
Ова стои во образложението со кое се предлага Советот на Град Скопје да ја усвои Одлуката за утврдување на изгледот на фасади на објекти на подрачјето на Градот Скопје. Според Програмата за развој, реконструкцијата на фасадите на зградите во центарот на Град Скопје ќе продолжи и во следните 3 години. За оваа намена во годинешниот буџет на Град Скопје се предвидени близу 2,3 милиони евра, во 2015 година околу два милиони евра, а во 2016 за реконструкција на фасадите се предвидени 2,1 милиони евра. Стилскиот правец е неокласицизам. Во ланскиот буџет за реконструкција и промена на надворешниот изглед на постоечките зданија во центарот на Скопје беа издвоени нешто повеќе од 1,8 милиони евра. Еве дел од идејните решенија за новите фасади на објектите во центарот на Скопје, предвидени со последната Предлог-одлука на Градот. Пред една година во Програмата за развој, Градот најави дека ќе се реконструираат речиси сите фасади во центарот на Скопје, за некои дури беше образложено дека ќе добијат и доградби. Според планот, освен зградите на улиците “Македонија”, “Никола Вапцаров” и “Димитрие Чуповски”, со фасадирањето во неокласицистички стил, ќе бидат опфатени и објектите по должина на улиците “11 Октомври” и “Максим Горки”, зградите околу плоштадот Карпошово востание, фасадите по должина на булеварот Илинден, односно од Влада до фонтаната во Градскиот парк и објектите на Кејот 13-ти Ноември, но и кулите во Градскиот трговски центар, за кој пак исто така е предвидена барокна фасада. Ј.С.
Слично

Поврзани вести