Отворено писмо од Змејковски до Груевски - што му порача?
Основачoт на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Форумот на слободоумни патриоти, Владимир Змејковски денеска преку медиумите испрати јавно писмо до сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во кое бара тој да поднесе оставка.
Наведува дека во овие мигови кога Република Македонија се соочува со невидена тешка политичка и секаква друга криза, не може, а да не реагира на севкупните состојби кои се директна последица токму на него и на неговата како што вели крајно лицемерна и дволична политика која ја водел изминатава скоро деценија и пол.
„Овој начин на обраќање кон тебе, самопрогласен водачу, го избрав, затоа што друг избор немав, со оглед на затвореноста во партијата и неможноста секој да си го искаже своето мислење, кое впрочем беше и најголемата причина да се формира и Форумот на слободоумни патриоти, чиј претседател сум јас, со цел да влијаеме врз погрешно водените нејасни и конфузни политики од твоја страна. Повод за моево обраќање кон тебе се неодамнешните настани пред и во Собранието кога под твоја команда ги внесе луѓето од иницијативата „За заедничка Македонија“, за после немилите настани ти, со твоите веќе до лакти извалкани во крв раце, со таква лежерност да ги наречеш насилници, на тој начин кукавички бегајќи од огромната одговорност пред сопствениот народ. Наместо да застанеш на чело на народ на кој се повикуваше и сè уште се повикуваш, ти со твоите подмолни манипулации, со кои патем се служеше сиве изминати години, придонесе да се турне народот во тотален колапс, обвинувајќи го за самоволие и анархија, она, кое впрочем најмногу му одговара на лидерот на опозицијата и нивните членови и симпатизери. Самопрогласен водачу, сакам да ти кажам дека лидерите низ историјата со кои сакаш да се поистоветува биле на чело на своите војски. За разлика од нив ти кукавички избега во Виена, а требаше да бидеш присутен во Парламентот. Никола, сакам само да те потсетам дека ваквите кукавички потези се својствени за тебе, секогаш кога си наредувал да се прави зло на својот народ си бегал од државата, а потоа си се правел неинфомиран и недоветен“ - вели Змејковски.
Освен штурите информации и апели од твоите гласноговорници, не видовме никаква друга жестока реакција од партискиот врв, пишува во писмото. Напротив, народот кој го лажеше дека „Собранието е негово“, сега на најпонижувачки начин остана повторно на улица, додава тој. Вели дека народот е на улица, а народните избраници од неговата и партијата на Груевски ништо не направија за да им докажат на граѓаните дека Талат Џафери по никоја цена нема да биде претседател на Собранието.
