Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОТВОРЕНИ РАНИ И ПРОБЛЕМИ СО ДВИЖЕЊЕТО – СО ОВА СЕ БОРАТ ПОВРЕДЕНИТЕ КОИ СЕ ВРАТИЈА ОД СТРАНСТВО: Лекувањето за голем дел од нив ќе трае со години

ОТВОРЕНИ РАНИ И ПРОБЛЕМИ СО ДВИЖЕЊЕТО – СО ОВА СЕ БОРАТ ПОВРЕДЕНИТЕ КОИ СЕ ВРАТИЈА ОД СТРАНСТВО: Лекувањето за голем дел од нив ќе трае со години

Повредите во пожарот во „Пулс“ сè уште се во сериозна состојба. Дел од пациентите кои се вратија од лекување во странство имаат отворени рани, други – комплицирани повреди кои бараат дополнителни пластични операции. Проблемот е уште поголем поради недостигот на медицински кадар, посебно медицински сестри, како и ограничената опрема во Општата болница во Кочани.

Заврши евалуацијата на повеќе од 110 повредени во клубот „Пулс“ кои се лекуваа во болниците во странство. Тим од лекари специјалисти од клиниките во Скопје, кои изминатите денови престојуваа во Кочани, извршија детална проценка на нивната здравствена состојба. Овие пациенти сега секојдневно добиваат физикална терапија и преврски на повредите.

Дополнително, на прегледите се јавиле и лица кои се лекувале во домашните здравствени установи, информираше директорката на болницата, Кристина Серафимова. Во наредниот период се очекува извештај од специјалистичкиот тим, кој ќе ја даде целосната слика за состојбата на сите пациенти, два месеца по трагичниот настан.

Здравствените работници, заедно со волонтерите од „Support Kocani“, се максимално ангажирани за обезбедување соодветна медицинска и финансиска помош.

– Констатиравме дека некои од повредените што се вратија од лекување имаат отворени рани, а дел се со покомплицирани повреди, поради што неопходна ќе биде дополнителна пластична операција. Нашата болница не располага ниту со доволен кадар, ниту со специјална опрема, па нашиот најголем страв е да не се случи некаков проблем со инфекции, да не се искомплицира состојбата со некоја бактерија и да не дојде до сепса – изјави Иван Ивановски од „Support Kocani“.

Според него, веќе имало неколку случаи при преврски на повредите да се откине дел од кожата, за што добиле потврда и од самите повредени.

Во моментот, во Општата болница во Кочани физикална терапија добиваат 40 пациенти поради проблеми со движењето на зглобовите на екстремитетите, а уште 70 пациенти имаат редовни преврски на изгорениците. Лекувањето за голем дел од нив ќе трае со години, а во меѓувреме не смеат да ги изложуваат раните на сонце или други надворешни влијанија.

Иако дел од персоналот добива поддршка од здравствени работници од Штип, проблемот со недостиг на медицински сестри и опрема останува голема пречка во третманот на пациентите.

фото: МИА

Слично

Поврзани вести