Отворени пералниците во студентските домови по бунтот на студентите
Државниот студентски дом - Скопје, кој ги опфаќа домовите „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, под притисок на студентите, одлучи да ги пушти во употреба пералниците. Посебните протоколи не препорачуваат да работат пералниците, кои до сега беа вон функција, но кај студентите владело големо незадоволство поради тоа што често требало да се враќаат дома за да ја исперат облеката.
Директорот Виктор Велевски за МИА вели дека 40 отсто од студентските домови се наполниле со студенти и со тоа се појавила дополнителна потреба од ставање во функција на просториите каде студентите ќе може да се грижат за нивната хигиена. Не се консултирал со Комисијата за заразни болести затоа што немало потреба, но и затоа што ќе биле запазени мерките и прописите за заштита од корона вирусот.
- Протоколите се за сите исти дали тоа било за студентски домови, факултети, средни училишта или пак основни училишта, ние нема да дозволиме да се прави гужва во делот на достава на облеката, сите студентски домови се обележани во делот на подот за растојание, имаме портирска служба, вработени кои што ќе го регулираат делот на доставување на облеката на студентите кои ќе бидат за перење. Неопходно е на студентите да им ја пружиме и оваа услуга, односно да ги отвориме пералните, во кои секако ке се следи протоколот за заштита од вирусот и ќе има залепено насоки пред секоја перална, изјави Велевски.
Претходно револтот на студентите беше поддржан и од Младинскиот образовен форум дека надлежните се обидуваат да превенираат ширење на вирусот, но од друга страна, драстично го намалуваат квалитетот на условите во домовите.
