Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОТСЕЧЕНИ СЕЛА, ЗАТРУПАНИ ПАТИШТА, НО И ПОПЛАВЕНИ ДОМОВИ И ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ - и понатаму бројни проблеми од врнежите

ОТСЕЧЕНИ СЕЛА, ЗАТРУПАНИ ПАТИШТА, НО И ПОПЛАВЕНИ ДОМОВИ И ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ - и понатаму бројни проблеми од врнежите

Поплавени и отсечени села низ Македонија има денеска и покрај напорите викендов да се норамлизираат состојбите. 
По обилните врнежи од снег и дожд делови од земјата се соочуваат со зголемени водостои на реките, поплавени домови и земјоделско земјиште, но има и отсечени населени места поради високите снежни наноси. 
Отсечено и понатаму е село Мренога, иако водите се вратени во коритата, мостот е оштетен, поради што локалниот пат е затворен. Исто така и патниот правец с. П’клиште – с. Герман е непрооден поради снежни наноси. Во тек е расчистување.
Центарот за управување со кризи известува по региони со какви проблеми се соочуваат жителите. 
Пелагониски регион

Битола, Могила и Новаци: Во подрачјата каде што имаше излевање на реките, водата постепено се повлекува од поплавените површини. Нивото на река Црна кај с. Новаци во 18:00 часот изнесува 320 см.

Демир Хисар: Поради оштетување на мостот на Боишка река, локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај. Реките се вратени во своите корита, освен реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде сè уште има излевање и се поплавени поголеми земјоделски површини.

Ресен: Како последица на поројните врнежи, поплавени се земјоделски површини, но водата постепено се повлекува. Во текот на денот интервенирано е со една градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.

Југозападен регион

Охрид: На реката Сушица изграден е заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошното излевање. Сè уште има поплавени подрумски простории и дворови на повеќе локации.

Струга – с. Мислешево: Поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини. Процесот на санација е отежнат поради неможност за изведување на пропуст за истек на водата.

Струга – с. Калишта: Има поплавени дворови и подрумски простории и се преземаат дополнителни мерки за санација и заштита на населението.

Дебар: Реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање. Патните правци се проодни, со помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга кои редовно се расчистуваат.

Западен регион

Кичево: Водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови, дезинфекција и создавање минимални услови за престој. Евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им е обезбедена неопходна грижа.

Вардарски регион

Кавадарци: Во ридско-планинските подрачја интервенирано е со механизација на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава, каде снежната покривка изнесува до 15 см.

Североисточен регион

Ранковце: Патниот правец с. П’клиште – с. Герман е непрооден поради снежни наноси. Во тек е расчистување. Патот од с. Герман до с. П’клиште е со кашест снег што го отежнува сообраќајот.

Полошки регион

Тетово: На патниот правец Тетово – с. Бањиче, имало падната голема карпа на коловозот. Патот е расчистен и сообраќајот е нормализиран.

Гостивар: На патниот правец кон Маврово, кај каменоломот, е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување.



Слично

Поврзани вести