Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОТСЕЧЕНИ ГРАДОВИ: Дневно само една, две или ниту една линија кон Скопје

ОТСЕЧЕНИ ГРАДОВИ: Дневно само една, две или ниту една линија кон Скопје

Повеќе македонски градови имаат лоши сообраќајни врски кон и од Скопје.

Жителите на Демир Хисар имаат по еден автобус дневно кон Скопје, и тоа наутро во 5.30 часот, а во среда и сабота воопшто нема автобус кон главниот град.

„Возниот ред е таков откако паметам јас, а тоа е повеќе од една деценија, затоа што мал е бројот на патници“, вели Марија Зафирова од овој град.

Ако се јавите на меѓуградската автобуска станица во Скопје, ќе ви кажат дека редовна и сигурна линија Скопје – Вевчани нема, туку морате да патувате до Струга, па потоа од Струга да патувате до Вевчани. Ова е хендикеп за малото туристичко Вевчани, но во ништо подобра положба не е ниту Крушево, кое единствено со Прилеп има подобри сообраќајни врски. Од Делчево кон Скопје дневно има само еден автобус. Тоа е проблем за жителите, но и за туристите кои сакаат да ги посетат македонските градови, затоа што сметаат дека има што да се види. Многу градови воопшто немаат автобуски станици, немаат прецизен возен ред кој би бил објавен на интернет на македонски и англиски јазик, или во најмала рака со латински букви,  за да туристите добијат информација за линиите.

„Превозот во Македонија ви е ужасен. Неприфатливо е 3.5 часа да се патува од Скопје до Охрид, иако јас го сакам Охрид. Сакав да го посетам Крушево, но автобусите се многу ретки, и никако не ми одговараше минатиот пат. Следен пат со рент а кар ќе патувам до Крушево. Кај нас во Шпанија имаме автобуси, возови, многу се прецизни, чисти, функционираме нормално“, вели шпанска туристка.

Но, и самите крушевчани кои издаваат соби и апартмани обаснуваат дека туристите имаат поплаки за превозот, и фактот дека само два пати дневно има линија кон Скопје.

Поради оскудниот возен ред, граѓаните се принудени со помош на Фејсбук групи да се организираат за патување.

Од Министерството за транспорт и врски одговараат дека однапред не утврдува возен ред за превоз на патници.

„Секоја компанија за превоз на патници, согласно сопствените интереси аплицира до Министерството за добивање на дозвола за превоз на патници на одредена линија. Распределбата на автобуски линии се врши врз основа на критериуми утврдени во Законот за превоз во патниот сообраќај и Правилникот за начинот, постапката и поблиските критериуми за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници и за формата и содржината на образецот на дозволата и на возниот ред“, додаваат од Министерството.

За граѓаните останува опцијата доколку не им одговара со автобус,  да патуваат со сопствено возило или да се организираат со други луѓе кои во истиот период патуваат во иста насока.

Сања Атанасовска

фото Википедија

Слично

Поврзани вести