Економија, финансии, бизнис

Контакт

Отрезнување од барокот: Архитектите ја поздравуваат одлуката на Центар!

Отрезнување од барокот: Архитектите ја поздравуваат одлуката на Центар!
Асоцијацијата на архитектите на Македонија позитивно го оценија потегот на општина Центар во врска клучните Детални Урбанистички планови за Скопје. Од ААМ велат дека планираат да ги испитаат сите законски можности кои би можеле да помогнат во зачувување на автентичноста на фасадите во централното градско подрачје, особено на оние објекти од познати автори и кои се препознатливи за Скопје. -Ние ја поздравуваме ваквата на одлука на општина Центар. Никој нема право да ги менува фасадите по кои светот не препознава. Општината Центар со тоа што не ги изгласа измените за  овие клучни ДУП-ви, ја отвори можноста да се спречи промената на фасадите на ГТЦ, ЕВН, МЕПСО, објекти кои не треба да се обезличуваат.  Луѓето се врзуваат за работите кои со години секојдневно ги опкружуваат, за некого тоа има лична вредност, сентиментална, субјективна. Во врска со ГТЦ,  се работи за нешто општо, објективно, од јавен интерес. Не се работи за носталгија кон објект за кој патетично се врзуваме и го сакаме затоа што е наш, затоа што ни буди спомени, не поврзува со младост и слично. Значењето е многу поголемо и е над личните чувства и убедувања, вели претседателката на ААМ , Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ. Токму архитектите од ААМ први го кренаа гласот против барокизацијата на Градскиот трговски центар. Веќе неколку месеци преку кампањата “Го сакам ГТЦ”, се трудат да докажат зошто не треба да се менува ликот на овој култен објект во центарот на градот. На последнта седница, Советот на општина Центар не ги изгласа измените на Деталните урбанистички планови во општина Центар, меѓу кои и тој за Мал Ринг. Според градоначалникот на Центар Андреј  Жерновски, ако беа изгласани измени во ДУП-овите, ќе се легализираше промената на фасадниот изглед. -Успеавме да ги спасиме ЕВН и ГТЦ. Објектот на ГТЦ е изграден по конкурс на југословенско ниво како првонаграден проект, добитник е на националната награда „11 октомври“ и добитник на највисоко југословенско архитектонско признание. Зградата на ЕВН е претставник на „Ѕид завеса“ – правец во архитектурата“, истакна градоначалникот и додаде дека сега не можат да добијат дозвола од општината, постапката веќе е завршена и затоа не може да се продолжи процедурата. Во иднина ќе носиме нови ДУП-ови каде ова нема да биде опфатено,изјави Жерновски. Во потегот на Жерновски, ВМРО ДПМНЕ препозна личен интерес и политичка пресметка на градоначалникот. Од владејачката ВМРО ДПМНЕ велат дека напротив Жерновски работи против интересот на општината Центар и нејзините граѓани. - Очигледно дека личната кариера ја става пред интересите на граѓаните. Андреј Жерновски мора да знае дека блокирањето на градба истовремено значи и помалку пари во општинската каса, стои во соопштението од ВМРО ДПМНЕ. Нема дозвола за изградба ниту за шпанските скали Со неизгласувањето на измените на ДУП-от Мал Ринг, под знак прашање е и изградбата на шпанските скали и објектот на плоштадот Македонија помеѓу Пелистер и Сити Галери. Иако пред три дена земјиштето за објектот веќе го купи компанијата „Амадеус Девелопмент“ која ќе ги прави скалите, градоначалникот Жерновски изјави дека од општина Центар нема да добијат дозвола за градба бидејќи се надвор од маркицата, а инвеститорот без дозволата нема да може да ги гради. Земјиштето се продаде за 1500 евра за метар квадрат, односно фирмата ќе плати околу 1,6 милиони евра за  1046 квадрати во центарот на Скопје каде над скалите, ќе никне комерцијален објект во барокен стил. Според поранешната претседателка на ААМ Даница Павловска изборот за изградба на шпнаски скали на плоштадот Македонија е погрешен. - Од порано е познат мојот став во однос на интервенциите во високорепрезентативни простори, што упатува на транспарентност и конкурентност уште во идејниот дел од процесот. Очекуваното и овојпат изостана, и следејки ја еуфоричната динамика на реализацијата на проектот Скопје 2014 се изуми дека Плоштадот Македонија преставува една целост која бара здрава архитектонско урбанистичка коцептуалност, па се продолжува со несихронизирани сегментарни решенија. Со елементите што ги имам за најновата интервенција на работ од плоштадот препознавам уште еден грешен избор на одлучувачите помеѓу кои, ете, ги нема вистинските архитекти а со тоа ја допирам етичката димензија на професијата и мојот цврст став за неопходноста од стручен дијалог, дебата, дискусија. Очигледен е игнорантниот навредлив однос кон струката, компетентноста, професионализмот. За мене Плоштадот Македонија е "Genius loci"  и заслужува многу повеке, вели Павловска Токму оваа локација доживеа неколку промени поврзани со нејзината намена. Прво црква, потоа седиште на Народната Банка на Македонија, и на крај   деловен објект со шпански скали. Оваа локација беше причина за  менување на Деталниот урбанистички план Мал Ринг и по неколку пати. Се менуваше намената, па потоа неколку пати се промени висината и површината. Ј.С
Слично

Поврзани вести