ОТПИШАНА ОПРЕМА БЕЗ ДОКУМЕНТАЦИЈА, НЕ ИЗДАВААТ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ - Ревизорите со бројни забелеши за работењето на СОЗР
Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во работењето на Службата за општи и заедничкира работи на Владата (СОЗР). Во нивната ревизија укажуваат на бројни нерегуларности кои ги откриле, а меѓу нив дел се за ангажираните работници во службата, за неиздавање фискални сметки, ниту парагон блокчиња, но и за несоодветно управување со државно земјиште.
Една од забелешките на ревизорите е дека со ангажирањето лица преку приватни агенции и договори на дело негативно се влијае врз континуитетот и квалитетот на услугите, како и врз точноста на финансиските извештаи на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР).
Ревизијата опфати финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година
Утврдени се сериозни слабости во управувањето со земјиштето со кое располага СОЗР Евиденцијата се води по локации, без усогласување со податоците од имотните листови или катастарот, што влијае врз реалната проценка на вредноста.
Сè уште се евидентира земјиште на ул. „Јордан Мијалков“ (стари бараки на СОЗР) во вредност од 439,7 милиони денари, иако истото одамна е продадено и на него се изградени објекти на приватен субјект.
За земјиштето во Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и Дојран, во вредност од 130,2 милиони денари, нема податоци дали и за што се користи, ниту дали има промени во сопственоста.
Земјиштето околу објектите не ги следи промените на корисниците според одлуките на Владата, што создава ризик од неекономично користење или располагање од трети лица.
Ревизорите реагираат и за опремата на СОЗР. Имено, укажуваат дека меѓу опремата има стара опрема, дел отпишана и без соодветна документација.
Опрема – 134,7 милиони денари (сегашна вредност) 92% од опремата е отпишана, што укажува дека СОЗР располага со застарена опрема.
- Евидентирани се 865 пумпи за вода и 18 генератори, од кои мал дел се физички присутни во СОЗР. Опремата е набавена во 2016 година за справување со поплавите во с. Стајковци, за што се потрошени 19,6 милиони денари, но поголем дел е доделен на АРМ и на повеќе општини без соодветна документација - се укажува во извештајот.
Забелешки имаат и кај евиденцијата на залиите, каде се откриени застарени резервни делови и кусоци. Имено утврдени се резервни делови во вредност од 11,6 милиони денари се евидентирани во магацин, од кои 95% се застарени и неупотребливи, иако за нивно расходување има предлог уште од пописите за 2023 и 2024 година.
- Со пописот за 2024 година е утврден кусок на ситен инвентар од 4,2 милиони денари, без преземени мерки за утврдување одговорност, поради сомнеж за проблеми во софтверската апликација за евиденција - се наведува во извештајот.
Ревизијата утврди дека дел од активностите на СОЗР не се усогласени со законската регулатива. За 21 привремено ангажирано лице преку приватни агенции во 2024 година се исплатени 3,27 милиони денари, иако дел од нив извршувале раководни работи за кои Законот за административни службеници предвидува високи квалификации и сертификати.

Неусогласеност кај условите за работното место „авио-диспечер“, каде систематизацијата дозволува работа без лиценца, иако тоа е спротивно на Правилникот за диспечери на лет, додека за пониското работно место „помошник авио-диспечер“ лиценцата е задолжителна.
Кај договорот за физичко обезбедување склучен во 2021 година, утврдени се фаворизирачки елементи – барање понудувачот да има најмалку три договори од ист тип, од кои еден со вредност од најмалку 50 милиони денари.
За сервисирање на возила е склучена рамковна спогодба со три оператори во вредност од 10,62 милиони денари, но кај двајца од нив 50% од услугите и деловите не биле предвидени во техничката спецификација, што укажува на несоодветно планирање.
Ревизорите утврдиле и сериозни пропусти во угостителските објекти на СОЗР, особено во евиденцијата за продажба и издавањето фискални сметки.
- Во рестораните и бифеата со кои управува СОЗР се утврдени повеќе неправилности: Не се води Книга на дневни финансиски извештаи, спротивно на Законот за готовински плаќања. Уплатите на готовинскиот промет се вршат со задоцнување од неколку месеци, дел и од 2023 година.
Во јуни 2024 година не се издавани фискални сметки, ниту парагон блокови. По пописот за 2024 година утврдена е разлика кај залихите на храна од 4,19 милиони денари, без предложени мерки - се нагласува во соопштението на ДЗР.
Во делот „Нагласување на прашања“, ревизијата укажува дека: СОЗР обезбедува 45 службени возила од висока класа преку лизинг, без јасни процедури за планирање, без проверка дали институциите и натаму имаат потреба од нив и без cost-benefit анализа.
Во последните три јавни набавки за лизинг учествувал само еден понудувач, што укажува на ограничена конкуренција. Поради честите промени на корисниците на државните објекти, постои ризик од нецелосна евиденција и неекономично управување со државниот имот.
Ревизијата укажува дека значителен дел од раководните задачи ги извршуваат лица со привремени овластувања, без соодветни обуки. Освен генерички обуки, не се спроведени специјализирани обуки, а честата миграција на кадарот и големиот број привремено ангажирани лица создаваат ризик за континуитетот и квалитетот на финансиските извештаи за државните институции.
Државниот завод за ревизија даде препораки за преземање конкретни мерки и активности од надлежните органи, со цел подобрување на управувањето, зголемување на транспарентноста и обезбедување поефикасно и економично работење на СОЗР.
