ОТКРИЛЕ ОБЈАВА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Полицијата спречи самоубиство на малолетник
Полицијата спречи самоубиство на малолетник по откриена објава на социјалните мрежи.
Секторот за компјутерски криминал при Министерство за внатрешни работи информира дека во изминатото деноноќие, при редовните активности за следење на дигиталниот простор е детектирана објава на социјална мрежа со содржина што укажувала на можна намера за самоубиство на малолетник.
Веднаш по добиените сознанија, институцијата постапила итно и координирано, при што биле преземени сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето.
„За кратко време малолетникот бил пронајден, извршен е разговор и било констатирано дека е безбеден и во добра состојба. За настанот биле известени и родителите, кои се запознаени со состојбата и понатамошните чекори. Од Министерството посочуваат дека случајот уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Апелираат до родителите да одржуваат редовна и отворена комуникација со своите деца, да покажуваат интерес за нивните активности на социјалните мрежи и навремено да реагираат при забележување повлеченост, вознемиреност или загрижувачки содржини“, соопшти полицијата,
Воедно, апел упатуваат и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи, доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување или безнадежност, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на самата платформа, а доколку им е познат идентитетот на лицето, да известат родител, старател, наставник, друго возрасно лице или најблиската полициска станица.
фото МВР
