Откриен убиецот на момчето од Чаир- МВР подготвува негово апсење
Идентификуван е убиецот кој минатата година во декември застрела момче во скопската населба Чаир. Според МВР, по него е распишана потерница.
Секторот за внатрешни работи – Скопје по преземени мерки и активности во минатите два месеци денеска поднесе кривична пријава против О.А. (28) од Скопје, поради основи на сомнение дека извршил кривично дело убиство.
На 20 декември минатата година околу 17.30 часот на улица Џон Кенеди во скопски Чаир, пријавениот со автоматска пушка марка АК47 испукал повеќе проектили кон Б.И. (24) од Скопје, кој подоцна истиот ден од здобиените повреди почина во Ургентен центар „Мајка Тереза“.
„Според документираните сознанија, пред кривично правниот настан Б.И. имал претходен договор со негови тројца другари да се сретнат на автобуска постојка на ул. Џон Кенеди. Кога пристигнале на договореното место, почнале да разговараат, при што по неколку минути на истата улица но од спротивната страна на коловозната лента пред браварска работилница застанало патничко моторно возило ‘југо’ црвена боја и од истото излегол О.А. кој во рацете држел автоматска пушка. Претрчувајќи ја коловозната лента пријавениот се приближил до лицата и без никакво предупредување почнал да пука во правец на Б.И. кој од задобиените повреди паднал на земја крварејќи. По ова пријавениот се вратил во возилото ‘југо’ и заминал од местото на настанот“, велат од МВР.
Од таму додаваат дека се повикани тресетина луѓе на распит, како и обезбедување на видео снимки од близина на местото на несреќата. На 27 декември биле извршени претреси во дом и други простории кај пријавениот О.А. на ул. Џон Кенеди, како и кај други пет лица сите од Скопје, при што одземени се два мобилни телефонски апарати кои по наредба од Основно јавно обвинителство Скопје – Скопје се доставени во Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, а било извршено е полиграфско тестирање на три лица.
Од МВР информираат дека пријавениот О.А не е достапен на органите на прогон и за истиот од страна СВР-Скопје распишана е потерница.
