Откриен идентитетот на момчето кое се удави во Охридското Езеро
Откриен е идентитетот на младото момче кое беше пронајдено мртво во водите на Охридското Езеро, кај „Машка плажа“ во Струга.
Станува збор за Сенит Селимоски од струшкото село Октиси, за кого Муфтиството на Исламската верска заедница во Струга објави порака со сочувство на социјалните мрежи.
Од Муфтиството изразија длабока тага за смртта на младиот Сенит, наведувајќи дека неговото заминување претставува голема болка за семејството, роднините, пријателите, жителите на Октиси, Струга и сите што го познавале.
„Со длабока тага и голема болка ја примивме веста за трагичното преселување на Ахирет на младиот Сенит Селимоски, на само 21-годишна возраст“, стои во објавата на Муфтиството на ИВЗ Струга.
Според информациите од СВР Охрид, безживотното тело на младото момче било забележано кај „Машка плажа“. Телото било пренесено во Општата болница во Струга, каде лекар констатирал смрт без траги на насилство.
Во полициското соопштение идентитетот првично беше наведен со иницијали, С.С. од струшкото село Октиси.
Трагичниот настан предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде блиски, пријатели и сограѓани се простуваат од младото момче.
