Откинатото парче од главата на Љупчо му го враќав со прст, сведочи Чунихин за 27 април
Потресни сведоштва излегуваат на површина за случувањата на 27 април 2017 година, односно за таканаречениот крвав четврток.
ТВ Канал ВИС подготвиле серијал од четири епизоди за случувањата на 27 април.
За емисијата сведочат голем број личности кои таа опасна вечер беа во законодавниот дом, како што се генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски и други.
На пример, во првата епизода, снимателот на N1, Дамјан Чунихин посочува на еден тежок момент, после ударот на статив од камера кој го погодил тогашниот пратеник, Љупчо Николовски, во пределот на главата.
„Помагавме, имаше многу повредени. Заев беше повреден, Љупчо го погоди статив и задниот дел од главата буквално му се отвори. До сега во живот тоа го немав видено. Откинатото парче му го враќав со прст, му држев крпа“, сведочи Чунихин.
Љупчо Николовски, пак, за истиот тој момент сведочи дека позади него бил Оливер Спасовски кој со неговата скината кошула се обидувал да го му ја сопре крвта.
„Се што правеа, беше да има жртви“, вели Николовски во емисијата.
