ОТКАКО МЛАД ЧОВЕК НАПАДНА ЕДНА, А ПОТОА УБИ ДРУГА ЖЕНА ВО ЧЕЛОПЕК: Дали старите и сами лица во селата се чувствуваат безбедно?
Откако кумановска полиција минатата недела приведе 25 годишно момче од селото Малотино за убиство на 78 годишна жена од Челопек, на луѓето кои живеат сами во селата не им е сеедно и се загрижени за својата безбедност. Истото лице претходно повреди 86 годишна жена. Локалните жители бараат полицијата да презема ригорозни мерки против насилниците и да не дозволува едно лице да тероризира неколку населени места.
„Целата општина Старо Нагоричане е со стари луѓе, односно 80 отсто од жителите се стари. Дали се безбедни луѓето? Ние имаме полициска станица во Старо Нагоричане, накај границата со Србија постојано има полиција. Јас го знаев насилникот и внимавав, се пазев од него. Се дозна дека кај него нашле украдени предмети. Таргетирани се жени што се поимотни за наши услови. Кај мене на улицата има неколку жени што се сами, без сопрузи, се заклучуваат, страв им е. После првиот инцидент требало да се преземат мерки. Дефинитивно барал беспомошни луѓе каде нема да има отпор. Нешто фали во нашиот систем. Работата се заврши трагично. Има жени од Куманово што ослободиле простор на децата и се вратени во селото. Има и други жени кои цел живот си живеат во селото, а сега се сами. Во секое населено место има некој таков опасен, и така е затоа што не е згрижен. Дали има некои „дупки“ во законот, не знам, но важно не функционираме. Ако сериозно полицијата не се зафати со ова прашање, вакви случки ќе има и на други места. И ако ова е село, не значи дека кој што сака може да си прави“, објаснува жител на Општината Старо Нагоричане.
Според соопштението на полицијата, осомничениот на 12 февруари влегол во домот на жената и физички ја нападнал, по што ја задушил со перница. Само неколку дена претходно, насилникот нападнал 86 годишна жена од селото Челопек, за што имаше информација во полицискиот билтен.
„На 9 февруари 2026 година во 21 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Т.Б.(25) од село Малотино, општина Старо Нагоричане. Тој се сомничи дека во село Челопек физички ја нападнал Р.Т.(86) од село Челопек“, соопшти полицијата.
И во другите краеви на Македонија има многу стари и изнемоштени луѓе кои живеат сами по селата. Тие зависат од добрата волја на соседите, кои им помагаат да им набават намирници. Сепак, нашите соговорници велат дека во ова време кога луѓето се оддаваат на пороци, алкохол, коцкање, не само старите, туку и младите можат да бидат мета на крадци и насилници.
„Вие сега коментирате за случајот во Кумановско, но кражби има насекаде, во целата држава. Тој што нема пари, ќе нападне не само стари, туку и млади лица. Инаку, близу мене живеат двајца стари, немоќни луѓе на кои им пазарам храна“, додава Горан П. кој живее во село во Западна Македонија.
Случај која стана познат во јавноста е со дедо Љубе Митев од кратовското село Којково. Двајца разбојници во 2013 година го нападнаа и малтретираа него и сопругата, по што тој успеал да се одврзе, да ја земе ловечката пушка и да пука во нив. Тој го уби едниот разбојник, а другиот го рани. По неколку години правна битка, дедото кој пукаше во самоодбрана доби ослободителна пресуда.
Сања Атанасовска