Откако Мицкоски го разреши Рамадани, а тој најави дека ќе работи приватно: Сега е на платен список во Општина Чаир, открива Мухамеди
Поранешниот директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаким Рамадани, повторно е во фокусот на јавноста, откако беше разрешен од функцијата по политички несогласувања со премиерот Христијан Мицкоски.
Според тврдењата на Умејр Мухамеди, Рамадани сега е ангажиран во Општина Чаир.
-Дали ви текнува на кандидатот за градоначалник на Брвеница кој се претставуваше како „голем Албанец“ кој ќе ја „ослободи“ општината, па влезе во кавга и со премиерот? Истиот беше директор, па откако не стана градоначалник беше разрешен и изјави дека ќе бара работа во приватниот сектор. Ете го – сега е на платен список во Општина Чаир – напиша Мухамеди на социјалните мрежи.

Рамадани беше разрешен по изборите во Брвеница, откако неговите политички настапи и изјави предизвикаа реакции во владината коалиција, особено поради реториката и соработката со спротивставени политички структури.
По разрешувањето, Рамадани изјави дека ќе се повлече од јавните функции и ќе бара ангажман во приватниот сектор.
Засега нема официјална потврда од Општина Чаир за негов евентуален ангажман.
Останува да се види дали овие тврдења ќе бидат потврдени или демантирани од надлежните институции.
