ОТКАКО ГИ ЗОВРЕА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, ГРУБИ И ОСМАНИ СЕ ПРАВДААТ - погрешивме, сакавме да го изненадиме Ахмети
Највисоките функционери на ДУИ денеска во јавноста излегоа со опширни образложенија зошто се сликаа без маски во затворен простор по повод роденденот на нивниот лидер Али Ахмети, организиран токму во просториите на Министерството за политички систем, кое во истиот ден претходно беше отворено со почести и во присуство на премиерот Зоран Заев.
„Одбележувањето на роденденот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, предизвика погрешна интерпетација, зашто немаше ниту прослава, ниту непочитување на протоколите…но да, можеби пративме погрешна порака со фотографијата без маски, иако цело време носевме маски“, вака одговори министерот Бујар Османи на новинарско прашање поврзано фотографијата на која се гледа како дури петнаесетина функционери на ДУИ, сите без маски на лицето, на чело со Ахмети, седат во салата за состаноци.
За самата објава на фотографијата на фејсбук Османи рече дека еден од вработените во тоа министерство приредил изненадување со честитка за роденденот на лидерот на ДУИ, што било искористено тој момент да се одбележи со фотографија.
„Во тој дел нема апсолутно кршење на протоколите. Можеби грешката е во пораката која се дава до граѓаните во моментот кога се фотографиравме без маска, но не станува збор за одржување церемонија без маски. Да, можеби тука прифаќам една грешка дека пораката која што се дава до граѓаните е дека слика без маска треба да се минимизира, независно што тоа е без маска во миг на сликањето, а не одржување на некаква церемонија без маски, но да, не треба да се пуштаат слики без маска“, посочи тој.
Османи два пати повори дека гарантира оти ниту имало прослава, ниту имало непочитување на протоколите.
Се огласи и првиот владин вицепремиер, Артан Груби.
Тој изјавил дека фотографијата на која се гледа како петнаесетина функциониери од редовите на ДУИ, седат еден до друг, без маски и дистанца, била направена само како мало изненадување за да го овековечат 62 роденден на лидерот на партијата Али Ахмети. Маските ги тргнале само за момент, а инаку ги почитувале протоколите, тврди тој.
Артан Груби сега го правда министерот за надворешни работи и тврди дека сите ги симнале маските „само за момент“.
„Настанот се организира на првиот работен ден во новата година и според протоколите. Сликата што ја објави Османи беше само еден момент – за заедничка фотографија, при мало изненадување што колега го приреди за господинот Ахмети, слично како и минатата година во Собранието, искористувајќи го неговото присуство. Протоколите првенствено ги почитуваме за нашето лично здравје и за нашите семејства, како и за граѓаните“, изјави Артан Груби.
Лидерот на ДУИ вчера го прослави 62. роденден, а неговите сопартијци му приредија забава во новите простории на Министерството за политички систем.
А, шефот на дипломатијата, Османи, по негативните реакциии ја избриша фотографијата од фејсбук.
Оваа фотографија предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи, уште синоќа вечерта кога Османи прво ја објави, а потоа ја повлече.
„Она кога имаш имунитет, во секоја смисла на зборот“, напиша новинарот Александар Манасиев.
„Значи, доколку ве запре полиција и планира да ве казни за неносење маска, вие со одбрана: ‚Ја маската ја носев се до сега, ама ја извадив за да се фотографирам со Али Ахмети, по повод неговиот роденден. Ако не ми верувате прашајте го Артан Груби!", напиша на фејсбук новинарот Љубиша Станковиќ.
“Ги извадивме маските за сликање како мало изненадување за Али Ахмети” - Артан Груби. Убо не ви текнало гаќите да ги извадите да го изненадите“, напиша Божидар Божиновски на својот профил.
