Отфрлена кривичната пријава на Лидија Неделкова против претседателот и двајца членови на судскиот совет - за Обвинителството тие не сториле кривично дело
Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава што ја поднесе Поранешната претседателка и актуелна судијка во Врховнот суд, Лидија Неделкова, против претседателот и двајца члена на Судскиот совет.
Ова го соопшти Основното јавно обвинителство Скопје, а кривичната пријава беше пиоднесена за злоупотреба на службената положба.
„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена од судија на Врховниот суд против претседателот и два члена на Судскиот совет на РСМ за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Како што соопштуваат оттаму, пријавителката во кривичната пријава навела дека пријавените, во својство на службени лица, во периодот од септември 2020 до јануари 2021 година, ја злоупотребиле службената положба при одлучувањето и гласањето на седница на Сускиот совет, на која се разгледувал извештај за утврдување одговорност на судијката на Врховниот суд. Тие наводно ги пречекориле границите на своето службено овластување, со намера потешко да ги повредат правата на оштетената, а притоа од лични и политички причини вршеле влијание и врз другите членови на Судскиот совет при одлучувањето. Така, предлогот на Комисијата која го разгледувала извештајот и предложила запирање на постапката против судијката на Врховен суд го вратиле на доработка, потоа избрале нов член во Комисијата и одлучувале без да ја известат оштетената за резултатите од гласањето и за дополнително спроведените дејствија. На 19.01.2021 година Комисијата, без никакви дополнително утврдени околности, донела предлог-одлука за разрешување на судијката во Врховен суд.
„Заради утврдување на наводите во кривичната пријава, јавниот обвинител ги прибави списите од предметот на Судскиот совет и детално ги проучи. Од анализа на хронологијата на целокупното постапување произлезе дека Судскиот совет на седницата одржана на 29.09.2020 година расправал по извештајот на Комисијата со кој се предлага запирање на постапката против оштетената. Но, при гласањето не било постигнато потребното двотретинско мнозинство за одлуката да помине, па согласно член 60-д од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет било оценето дека е потребна доработка на предметот и списите биле вратени на Комисијата. Изборот на нов член на предметната комисија бил извршен со ждрепка, согласно член 56 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет. Од записниците се констатира дека една од пријавените членови на Судскиот совет воопшто не се јавила за збор при расправата за извештајот, додека другата пријавена се јавила за збор и дала образложено мислење за кое не може да биде повикана на одговорност, имајќи ги предвид правата и обврските на членовите на Судскиот совет пропишани со закон. Комисијата за утврдување одговорност на судија одржала ново советување и гласање на 18.01.2021 година, но до Советот се уште не доставила извештај со предлог-одлука.
Од тие причини надлежниот јавен обвинител одлучи дека во дејствата на пријавените не се содржани елементи на кривично дело кое се гони по службена должност. Решението е доставено на оштетената, која има право на жалба во рок од осум дена до Вишото јавно обвинителство Скопје“, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство Скопје.
А како што е познато, Неделкова поднесе кривична пријава против тројца членови на Судскиот совет. Пред Основното јавно обвинителство – Скопје, таа ги товареше за злоупотреба на службената положба, бидејќи, според неа, ја искористиле положбата да влијаат на постапката која се води против неа по поднесена претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски.
Судијката Неделкова за медиумите тогаш појасни дека пријавените како членови на Судскиот совет не го прифатиле првичниот предлог на комисијата, постапката да се запре, и влијаеле одлуката да се преиначи во предлог за нејзино разрешување, спротивно на закон. Според неа, сето ова се актуелизира во момент кога таа е еден од кандидатите за претседател на Врховниот суд.
„Зарем ќе чекаме ние судиите да не пукаат како глинени гулаби? Ова што се случува е порака и до другите судии, што можат вака со мене, тогаш што ли ги чека останатите. Најавуваат чистка, метење, а постојано добивам закани дека сега ќе ме разрешат, утре ќе ме разрешат…. Зарем тоа се реформи, вака не било никогаш. Очигледно е дека на некому му пречи и мојата актуелна кандидатура за Претседател на Врховен суд“, изјави тогаш Неделкова за Фокус.
