Отчетот на Сугарески посветен и на несработеното од претходната влада
Отчетот за сработеното во првите 100 дена на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески пројде и во објаснување за проблемите со изградбата на автопатите во Македонија како едни од најскапите инфраструктурни проекти, но и на тоа што не го сработила како што треба претходната влада.
Министерот Сугарески не прецизираше колкава ќе биде штетата во државниот буџет поради грешките во изградбата на автопатите. Тој вината ја префрла на претходната власт, но вети дека изградбата ќе продолжи со посакуваната динамика и на начин на кој ќе се заштитат интересите на Македонија, со контролирано трошење на парите.
Сугарески кажа дека државата добила 41 милион евра неповратни средства за изградба на автопатиштата и негираше дека има стопирање во изградбата на веќе почнатите проекти. Сепак, рече дека се работи со намалена динамика поради тоа што ги решавале проблемите кои ги оставила претходната власт.
„Проектите се направени целосно погрешни. Менувани се на дневна основа, за да некои си го остварат својот хир и во јавноста да прикажат дека се работи. Зоштои криеја четири години дека автопатиштата се закочени?“ - изјави Горан Сугарески.
Министерството за транспорт и врски поднело предлог закон за анекс договор до владата со цел да се продолжи рокот за изградба на автопатот Миладиновци – Штип кој според министерот Сугарески треба да биде 30 септември идната година, бидејќи претходниот рок бил 1 мај годинава, но тој не е реализиран. Овој автопат е почнат со изградба на 9 септември 2012 година од тогашниот премиер Никола Груевски и екс министрите за транспорт и врски и финансии, Миле Јанакиески и Зоран Ставрески. Тогаш Груевски вети дека изградбата ќе заврши до 2016 година.
Анекс договор Сугарески ќе побара и за изградбата на автопатот Кичево – Охрид, која според него нема да се заврши до крајниот рок, јануари 2018 година. Вели, се работи со намалена динамика со цел да се санираат проблемите и да не се даваат огромни суми – државни пари. Изградбата на овој автопат беше почната во февруари 2014 година.
Автопатот Демир Капија-Смоквица, повеќе од година дена, претходната власта не успеала да достави документацијата преку јавното претпријатие за државни патишта, за добиевање на одборение за градба за дислокација на 400 киловатен долговод.“ - вели Сугарески.
За изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, премиерот Зоран Заев пред две години објави еден од прислушуваните материјали и наведе дека нивната изградба е најголем финансиско корупциски скандал. Министерот Сугарески во својот отчет зборуваше за грантовите кои ги добиле за продолжување на изградба и отпочнување на изградба на клучни автопатишта како и пругата кон Бугарија и зголемувањето на обемот на авиотранспортот. Тој кажа дека државата добила вкупно 188,4 милиони евра неповратни средства. Како најголеми успеси на министерството, Сугарески ги наброја зголемувањето на платите на машиновозачите, воведувањето на нови авиолинии, намалувањето на цените за катастарски услуги и продолжување на рокот за легализација на дивоградбите.
