Осуммината осомничени за милионски финансиски криминал добија 30 дена притвор
Одреден им е 30-дневен притвор на осуммина од осомничените за милионскиот финансиски криминал.
Скопскиот Кривичен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и им одреди притвор на осуммина од осомничените за затајување данок, перење пари и злоупотреба на службената положба, кои беа уапсени во вчерашната акција на Обвинителството.
Најстрогата мерка за обезбедување присуство, според Кривичен, е одредена поради постоење опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност осомничените да го довршат или повторат делото.
Претходно од Кривичен соопштија дека за девет од десетмина осомничени е прифатен предлогот на Обвинителството за определување мерки за претпазливост, односно – одземање патна исправа, обврска за јавување во суд, забрана за комуникација со одредени лица и забрана за извршување одредени работни активности.
Инаку, во акцијата на ОЈО ГОКК осомничени се вкупно 20 лица за финансиски криминал тежок околу 4,8 милиони евра.
Првоосомничениот е српски државјанин сопственик на две фирми, а меѓу другите се раководители во Управата за јавни приходи (УЈП), како сопственици и управители на правни лица од Скопје и Гевгелија
Осомничените, како што соопшти денеска Обвинителството, ги гонат за кривичните дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службената положба, кои ги сториле во периодот од 2023 до 2025 година. Според ОЈО ГОКК, осомничените бизнисмени со лажни даночни и со помош на вработените во УЈП успеале да избегнат плаќање на данок, како и да добијат поврат на јавните давачки за нерезидетни фирми, со што го оштетиле буџетот на државата за 297 733 844 денари или околу 4,8 милиони евра.
Споделувајќи детали за акцијата, од ОЈО ГОКК денеска соопштија дека истражители од Истражниот центар на Обвинителството, со асистенција на Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера до доцните вечерни часови вршеле претреси на 16 локации.
Претресите резултирале со обезбедување, односно апсење на осомничените, но и со привремено одземање на фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од фирми.
