Економија, финансии, бизнис

Контакт

Осум месеци по поплавите, неизвесна судбината на раселените

Осум месеци по поплавите, неизвесна судбината на раселените

Осум месеци од страотната поплава која во август минатата година остави илјадници домови од скопскиот и тетовскиот регион под вода. Повеќе од стотина граѓани сместени во  студентскиот дом  ,”Томе Стефановски- Сенич” и интернатот “Партение Зографски” осум месеци по поплавите живеат во неизвесност. Домовите велат не им се приспособени за нормален живот, а државата крева раце од нив. Деновиве разочарувањето е двојно поголемо, бидејќи им било најавено дека ќе мораат да ги напуштат прифатните центри. Бараат помош и разбирање од надлежните  бидејќи како што велат услови за живот нема, а немаат ниту пари целосно да ги реновираат и приспособат нивните куќи за нормално живеење.

“Нема да се вратиме дома. Нема услови за живот. Се ни беше поплавено, овде има цели фамилии со мали деца. Во куќите има влага, мебелот и покуќнината се уништени. Парите од оштетата стигнаа само за дворот и фасадата да се среди. Ѕидовите и собите зјаат празни. Патосот беше подуен од вода и влага. Потребно е инсталацијата целосно да се уреди, да се набави мебел. Немаме ниту вилушка, ниту лажица” - вели една од раселените жителки од скопско Стајковци.

Нејзината соседка од селото Инџиково заедно со нејзината ќерка  е сместена во соседната соба. Вели животот во домот не е идеален но е далеку подобар од она што ги чека дома. Распаднат кров на куќата, полуразрушени ѕидови. Потребно е вели темелно реновирање за да можат да се вратат назад. Од проценетата штета успеале да добијат едвај  120 илјади денари. Со тие пари вели неможеле да ги покријат сметките и заостанатите долгови за расчистување на дворот и куќата од надојдената вода и калта.

“Се беше во кал и ѓубриште кое надошло со водата. Што можевме средивме, ама фати зима, не се суши. Ѕидовите уште се со траги од кал. Треба се да се изгребе, па да се малтериса. А за тоа немаме пари. Кровот ни се распаѓа”- вели 67 годишната жена од Инџиково.

Фатмир Гаши е еден од седумдесетте жители на Стајковци и Сингелиќ кои се сместени во студентскиот дом Сениќ. Како претставник на раселените вели дека нема да се вратат дома се додека не им се обезбедат  основновните услови. Планираат да излезат на протест и уште еднаш да алармираат дека за нивниот проблем мора да се најде трајно решение.

“Кој не сака да се врати дома, ама немаме услови. Стравуваме од болести, има и деца. Па зарем некој сака да живее надвор од својот дом под туѓи кровови, ама кога нема што да правиме.  Планираме да протестираме доколку надлежните не најдат за сходно да ни го решат проблемот.” - вели Гаши.  

Секој шести во месецот раселените велат е потсетување за хоророт кој го доживеале во август лани кога домовите им осамнаа под вода. Рокот за да го напуштат привременото сместување истекол на крајот на март годинава. Овие неколку дена живеат во неизвесност дали ќе имаат оброк и кров над глава. Сега чекаат одговор од Владата  и Министерството за труд и социјална политика дали ќе има ново продолжување на рокот за нивно сместување или ќе останат на улица. Од ресорното министерство неколкупати информираа дека стручни служби од Министерството и Центарот за социјална работа имаат направено увиди во домовите на овие лица, а санацијата на куќите  е обврска на сопствениците. Според надлежните  Владата преку еднократна парична помош и обештетување по направените проценки  на овие лица им помогнала  во санирање на штетите.

С.Б.

Слично

Поврзани вести