Останува забраната за пиење вода од струмичкиот водовод
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила.
Оваа одлука следува по новодобиените резулати од анализираните мостри земени на 18.10.2024 година во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект - фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Како што информира АХВ, кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Од ЈКПД „Комуналец” Струмица земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа - една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.
