Основач на „За заедничка Македонија“ се сели во странство
Еден од
основачите на движењето „За заедничка Македонија“, универзитетскиот професор Теон
Џинго, ќе се пресели со своето семејство во Хрватска.
Според она што го дознава „Фактор“, историчарот ќе работи на катедрата на хрватско-македонските историски односи на универзитетот во Сплит, но не е познато колку време ќе престојува таму и дали ќе се врати во Македонија.
Џинго е еден од шестте основачи и организатори на на протестите „За заедничка Македонија“, кои во текот на 2017-та првенствено беа формирани со декларација дека се за отфрлање на таканаречената Тиранска платформа по средбата на лидерите на албанските политички партии од Македонија со албанскиот премиер Еди Рама во албанската престолнина.
Сепак движењето заврши неславно, со упад во Собранието на 27 април лани и физички напад на пратениците кои го изгласаа Талат Џафери за претседател на законодавниот дом, по што на обвинителна клупа седнаа лидерите на протестите Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и други.
Според наши извори, Џинго бил меѓу толпата што упадна во Собранието, но физички не се пресметувал со никого, ниту пак направил штета во просториите на парламентот и не се води истрага против него.
Во меѓувреме, преостанатите членови на „За заедничка МАкедонија“, кои не се под истрага, не се појавуваат во јавност пред референдумското изјаснување на 30 септември, сметајќи дека на тој начин ќе навлечат на себе политички реваншизам од страна на власта.
