Економија, финансии, бизнис

Контакт

Османи вели немало притисок врз историчарите и очекува прогрес

Османи вели немало притисок врз историчарите и очекува прогрес

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи вели дека  Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија. 

Вчера се одржа првиот ден од средбата и Османи се надева дека ќе има напредок. 

„Се надевам дека денеска ќе има прогрес, членовите на Комисијата имаат прво и да се повлечат или да останат, и порано имаше неколку членови коишто се повлекоа заради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува и ги охрабрувам членовите на Комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето“, вели тој. 

По ова прашање реагираа и од Владата. Велат дека не се мешале во работата на историчарите. 

„Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала било какво политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија. Напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа. Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Георгиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција. Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество. Во случајот за професорот Ванчо Георгиев ја информираме јавноста дека само пред една недела професорот Георгиев го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата. Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Георгиев, си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија“, наведуваат од Владата. 

Професорот Ванчо Ѓорѓиев ја напушти Комисијата и кажа дека имало притисок од висок функционер од МНР. 

Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за МИА потврди дека еден член од Комисијата денеска поднел оставка, но додаде дека тие продолжуваат со работа. 

Слично

Поврзани вести