Економија, финансии, бизнис

Контакт

Османи вели дека 2018 година е историска за Македонија

Османи вели дека 2018 година е историска за Македонија

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на средбите во Талин со високи естонски претставници изјави дека следната година претставува историска година за Македонија по прашањето на интеграциите на земјата. 

Вели дека за овие  амбиции очекува поддршка од страна на Естонија. 

Османи се сретна со Клен Јарац, директор на Канцеларијата за европски прашања при Владата на Естонија, со Томас Витсут, претседател на Комисијата за европски прашања при естонскиот Парламент, како и со Ерик Нилс Крос, претседател на парламентарната група меѓу Македонија и Естонија.

Османи на средбите ја потенцирал новата политичка енергија во насока на европскиот оптимизам кој се создаде со формирањето на новата Влада во Македонија, а која граѓаните ја потврдиле и на последните локални избори, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.

Се разговарало и за билатералната соработка меѓу Македонија и Естонија, регионалната соработка во рамки на земјите од Западен Балкан, како и проширувањето на Европската унија со земјите од регионот.

Османи ги потенцирал добрите билатерални односи кои се во насока на поддршка за евроинтегративните процеси на земјава од страна на Естонија.

Посебен акцент на средбите бил ставен на соработката на националните парламенти во рамки на парламентарната група помеѓу Македонија и Естонија како и на унапредувањето на односите помеѓу двете земји, соопшти прес-службата на Кабинетот на вицепремиерот.

На средбите беа отворени и прашања за справување со европските предизвици, како што се лажните вести, пробивот на радикалниот популизам, национализмот, геополитичко влијание од Исток, предизвиците на мигрантската криза итн. Беше констатирано дека сите регионални и европски предизвици на Балканот треба да се решаваат во насока на европските вредности, и најдобро, со засилување на европските перспективи на регионот, како и со задржување на кредибилноста на процесот на проширување.

Слично

Поврзани вести