Османи: Техничка и преодна влада во Бугарија е златна можност за Македонија
За да ја добие поддршката на Германија за официјален почеток на преговорите со ЕУ, министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, денеска е во посета на Берлин, каде веќе имаше средба со шефот на германската дипломатија Хајко Мас.
- Ова е моја прва билатерална физичка посета, бидејќи виртуелно ја имавме првата средба со министерот Маас. Оваа година се одбележуваат 28 години од почетокот на дипломатските односи со Германија. Имаме блиски политички односи. Имаме голем обем на трговија. Сите овие се предуслови за претворање на овие односи во стратешко партнерство. Но, главната причина зошто сум овде е да зборувам за нашето европско досие, за спроведувањето на одлуката во март за отворање преговори, бидејќи Германија за време на своето претседателствување имаше вонредни напори да ја овозможи оваа одлука, и го продолжува истото и сега во рамките на тројката со претседателството на Португалија, вели Османи за Дојче Веле.
Министерот смета дека изборите во Македонија и Бугарија не донеле позитивен исход во надминувањето на спорот, но вели дека Скопје е подготвено да преговара и со техничка влада на соседот додека таму не се формира владеачко мнозинство.
- Изборите не само во Бугарија, туку и во Северна Македонија немаа позитивно влијание за надминување на разликите што постојат меѓу нашите две земји. Очекувавме дека по изборите во Бугарија институциите брзо ќе се формираат и ќе влеземе во поинтензивен политички дијалог за да се постигне консензус во ЕК за рамката на преговорите. За жал, таму ќе се одржуваат предвремени избори, според најавите, некаде во јули. Ова ќе ја намали можноста за суштински дијалог. Јас го гледам самитот на ЕУ во јуни како златна можност за почеток на преговори и за Северна Македонија и за Албанија, затоа мислам дека треба да најдеме начин да разговараме со преодната и техничката влада таму со сите пријатели кои не ја пропуштаат оваа можност затоа што ме плаши дека идните можности ќе бидат уште помалку за да се донесе таква одлука, вели Османи.
