Османи со забелешки: Историските комисии да излезат од маѓепсаниот круг на инхибирачката динамика
Бујар Османи, министерот за надворешни работи, во синоќешното гостување на МТв рече дека историските комисии од Мешовитиот макеоднско-бугарски комитет работат без политички диктат, но од нив се бара да излезат, како што вели, од маѓепсаниот круг на инхибирачка динамика.
Според забелешките што за кои се произбесе шефот на македонската дипломатија, комисиите кои произлегоа од Договорот за добрососедство со Бугарија, се оптоварени со бирократизирање и кај нив се чувствува страв од отворање на теми.
„Во последно време и јас имам забелешки на Комисијата и тоа за двете страни на Комисијата, бидејќи мислам дека влегоа во една инхибрирачка динамика и во отворањето на теми, и во разговорите и во изнаоѓањето решенија, преку премногу бирократизирање, страв од отворање теми што веќе станува непродуктивнo, иако на почетокот беше создадена добра основа за да може да се продолжи со резултати. Иако работат автономно и не добиваат политички диктат од нас, сепак ги охрабрувам јавно да излезат од маѓепсаниот круг на инхибирачката динамика наметната во последните состаноци“, смета ОСмани.
Министерот предложил вклучување на трета независна и експертска страна во работата на комисијата и порача експертите по историја да не се гледаат меѓусебно како антагонисти.
„Ги охрабрувам да излезат од тој негативен фидбек во кој се влезени и евентуално ако може да помогне и експертска помош од страна тоа да го направиме, бидејќи Комисијата е многу важен инструмент од Договорот, а од работата на Комисијата се добива впечатокот за динамиката на имплементацијата. И мислам дека апсолутно не треба да се плашиме за отвороњето на историските теми. Никој не може да ја менува историјата, треба да се разговара отворено, без никакви стравови и предрасуди помеѓу експертите за да може историјата да ја користиме како мост за зближување, а не за раздвојување меѓу народите и државите“, додаде Османи.
